Шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, денеска изјави дека се надева дека со формирањето нова влада ќе се стави крај на политичката криза во Македонија и ќе почне да се работи на надминување на поделеноста на општеството.
-Се надевам дека формирањето влада и мандатот на Зоран Заев означува крај на политичката криза, која, за жал, влијаеше на политичките случувања во Македонија. Најпрво треба да биде направен обид да се обедини општеството, да се премостат разликите и да се надминат поделбите. Логична агенда или работа што може да помогне за остварување на тоа се евроатлантските интеграции. Сакаме да видиме враќање на нормалните демократски процеси во Македонија и рестартирање на заложбата за европска интеграција. Јас сум сигурен дека европското семејство ќе им помогне и ќе ги поддржи Македонците на овој пат, изјави Лајчак во интервју за „Европски Западен Балкан“, дадено за време на глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК во Братислава.