Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска, сумирајќи ја претходната недела, рече дека предизвиците на Западен Балкан не исчезнале и дека ситуацијата на северот на Косово и Метохија е на врвот на неговата агендата.
„Иако темпото во Брисел се намали во текот на летото, предизвиците на Западен Балкан не исчезнаа. Посебна област што остана високо на мојата агенда е ситуацијата на северот на Косово“, напиша Лајчак на Фејсбук.
Тој додаде дека го поканил американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар во Брисел на детални дискусии и средби со цел да се подготви за следните месеци и дополнително да ги зајакне заедничките напори.
„Заедно со нашите тимови детално разговаравме за прашањата поврзани со дијалогот, меѓусебно си ги пренесовме оценките за актуелната состојба, настаните од последните месеци и очекувањата за следниот период. Исто така, се погриживме да ги усогласиме неопходните следни чекори и приоритети“, рече Лајчак.
Тој додаде дека ќе се сретне со српскиот премиер Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти, „како и со голем број партнери, пријатели и експерти за Западен Балкан и светските политички настани“.