Тажно е што од земја за пример некогаш, станавме земја за подбив, земја во која владее корупцијата, политикантството, некадарноста и полтронството, земја која младите ја напуштаат, земја во која лагата е вистина, а вистината е ерес
Звонко ДАВИДОВИЌ
Вистината прва умира во војна, рекле мудрите луѓе. Но, сигурно не биле во Македонија, инаку би знаеле дека овде вистината умира и без војна, умира секојдневно на рати, по желба и нарачка. Вистината во Македонија е лага, таа е навреда, а кон неа се однесуваме како кон несакан и недобредојден гостин. Лагата и измислиците стануваат вистини, стануваат начин на однесување и живеење, владеење.
Пред некој ден, новинарка на една телевизија, заедно со својот тим, направи емисија за еден актуелен предмет. И ништо не би било чудно да го третираше предметот и случувањата околу него, објективно и со желба и намера да ја изнесе вистината. Но, наместо тоа, ги повтори наводите на обвинителството, без притоа да ја слушне и другата страна.
АД ХОК НОВИНАРСТВО
Интересно е што постапката по овој предмет е во завршна фаза по одржани повеќе рочишта, а на ниту едно не беше присутна новинарката. Не ги слушна сведоците и неколкуте вештаци, не ги слушна ни материјалните докази и не знае ама баш ништо околу предметот, ама си дозволува за него да направи емисија.
Ваквото ад хок новинарство е многу далеку од објективно, а со самото тоа и од вистината, која очигледно не е приоритет во денешното новинарство. Истражувачко новинарство речиси и да не постои, порталите сè повеќе доминираат и сè главно се сведува на преземање вести и празни информации едни од други. Грешката направена во текстот на еден портал се повторува на сите портали, што само покажува дека текстовите се преземаат без размислување, квалитетот е сè помалку важен, а побитен е квантитетот, бројот на информациите.
Не ни е само новинарството ад хок, туку такво ни е и судството. Судството во Македонија не се ни обидува да ја утврди вистината во постапките што ги води. Ниту во Законот за кривична постапка, ниту во Законот за парнична постапка, законодавецот не предвидел должност и обврска на судот да ја утврди вистината.
Наместо вистината, судот е должен правилно да ја утврди фактичката состојба, која најчесто е конструкција на обвинителството, и е многу далеку од вистината. Претворени во норма, број на предмети што мора да ја дадат секој месец, без оглед на сложеноста, судиите ниту имаат време, ниту желба да ја утврдат вистината.
Наместо тоа, го одбираат најлесниот пат за нив, препишувајќи ги обвиненијата, без многу размислување и логика, го исполнуваат она што Судскиот совет го бара од нив, бројката. Токму затоа, покрај клиентелистичкиот однос и исполитизираноста, имаме стотици предмети што се враќаат на повторно судење и траат со години, стотици предмети во кои судот во Стразбур утврдил повреди и токму затоа народот нема доверба во судството.
ОБВИНИТЕЛСТО ЗА ШАРАДА
Ниту состојбата во обвинителството не е поразлична. По низа афери и катастрофални потези на првите луѓе на некои од обвинителствата, обвинителството наликува на орган за парада и шарада.
Обвинителскиот кадар, не така одамна, покажа дека уште од мали нозе почнува со сомнителни и недозволени дејанија, кога ги фалсификуваа дипломите за англиски јазик, поднесувајќи ги за упис во Академијата за судии и обвинители.
Покрај местењето и малверзациите со сведоците, особено заштитените, обвинителите покажаа дека знаат да манипулираат и со обвинетите и со осомничените, па дел од нив добија кривични пријави од Државното правобранителство.
Кулминација беше апсењето на специјалниот обвинител, во кого народот се крстеше дека ќе се справи со високиот криминал. Аферите околу роднинските односи, напредувањето и разрешувањето на некои обвинители нема ни да го спомнеме.
Начинот на кој обвинителството постапува и размислува се гледа и во предметите, кои по неколкупати се враќаат на повторно судење затоа што немаат ниту еден доказ, освен сведоци по системот „ти реков, ми рече“.
Но, можеби најдобар пример за менталниот склоп на обвинителите и нивната заинтересираност за вистината и почитувањето на законот го отсликуваат зборовите на една обвинителка, која во судница побара да се продолжи притворот, затоа што досегашниот притвор не влијаел воспитно и ресоцијализирачки на обвинетиот. Попусто им се црта на обвинителите дека притворот е мерка за обезбедување, а не казна, ама толку им „сече“.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ПАРАДА
Министерството за правда, пак, е приказна за себе. Најчесто без ден пракса, само со теоретско познавање на делче од областа, а често и без тоа, министрите за правда се најчесто залутани некаде меѓу сопствениот политички превез на очите, големите желби и суета, а малите познавања и овластувања и од Министерството за правда направија Министерство за парада.
Нема да ги спомнувам досегашните глупости и небулози, но не можам, а да не го спомнам случајот со мојата колешка Тамара Славеска– Апостоловски.
Ангажирана од Министерството за правда од регистарот на адвокати за давање бесплатна правна помош, таа само што го добила спорот пред Врховниот суд против одлуките на Скопска апелација и на Граѓанскиот суд Скопје за случајот на Тони Сали, кој на 19 години почина без матичен број, истата е избришана од Регистарот на адвокати за Бесплатна правна помош со образложение дека во два случаи адвокатката немала изгледи за успех, и наместо да го извести Министерството, таа продолжила да ги води постапките.
Министерството нема да ѝ ги плати трошоците што ги направила таа за да дојде до правдата пред Врховниот суд, и покрај тоа што тоа е регулирано со Закон и со правилник. Поради ваквите флагрантни кршења на законот и глупостите што ги прави ова Министерство, без ниту една спроведена сериозна реформа, тешко дека ќе може во своето име да го има зборот правда.
Тажно е што од земја за пример некогаш, станавме земја за подбив, земја во која владее корупцијата, политикантството, некадарноста и полтронството, земја која младите ја напуштаат, земја во која лагата е вистина, а вистината е ерес.