Изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје за изградба на Коридорот 8 е лага и манипулација.
Ова е денешната реакција од бугарското Министерство за транспорт и врски за вчерашната изјава на вицепремиерот Николоски, во која ја повика бугарската страна да се охрабри и да се одржи третата средба, планирана за неделава, на која треба да се разговара за изградба на третата фаза од пругата кон источниот сосед.
„Во врска со уште една изјава на вицепремиерот и министер за транспорт на РСМ, Николоски за Коридорот 8, Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија со жалење, но без изненадување, констатира уште една политичка интрига и злоупотреба на конструктивниот пристап на Бугарија“, се вели во соопштението на бугарското Министерство за транспорт.
Оттаму велат дека изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт на РСМ дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје е лага и манипулација, како и дека поканата за оваа средба е добиена по дадената изјава на Николоски.
„Бугарија не ја одби средбата, туку ќе даде одговор откако заедно со Европската комисија и европските финансиски институции ќе ги добие коментарите од Скопје за документот од техничкиот состанок во Софија одржан на 31 октомври 2024 година“, стои во реакцијата.
Во одговор на пратеничко прашање во Собранието, Николоски вчера рече дека бугарската страна побарала да се одложи предвидената средба за оваа за следната недела. Тој ја повика бугарската страна да се охрабри и да се одржи третата средба за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија.
-Еден состанок имаше во Брисел, еден во Софија. неделава требаше да биде во Скопје, но сега замолуваат тоа да случи следната. Нека соберат храброст и нека дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш да се затвори.
Нашите аргументи се јасни, мора да се направи ревизија на цената бидејќи е невозможно 560 милиони да чини изградбата на пругата. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат со границата – рече тој.