Проклето во право е премиерот Ковачевски кога верува и признава дека македонската агенда е иста како европската. Со тоа ја потврдува болната вистина дека најголемата историска поука за неуспехот на Илинденското востание било слепото верување во Европа. Тоа било и остана за навек погубно за Македонците!
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Ноќта спроти годинашниов Илинден се појави полна месечина, а се очекува повторно на крајот од месецов. Две полни месечини во ист месец е ретка појава. Дај Боже, за арно и убаво да биде!
Дали навистина кучињата лаат кога е полна месечината, затоа што таа светла топка никогаш не можат да ја дофатат? Но, кога таа ќе зајде, забораваат дека ја виделе, среќни што ја „избркале“.
Македонските властодршци, пак, лаат за уставни измени кон „полната светла месечина ЕУ“, која е недостижна и им бега од нивниот вообразен дофат! Ачик беше видливо дека постепено подготвуваат терен за маргинализирање на светиот историски Илинден.
Со осквернување и обезличување на неговото свето тројство – создавањето на Крушевската република во 1903-та, АСНОМ-ска во 1944-та и Независна Македонија во 1991 година, да го трансформираат во табула раса „Четвртиот Илинден“.
На овогодинешните „прослави“, еретички ги поистоветуваа уставните измени со илинденските идеали и борбата на комитите и партизаните.
Лаеја апашите од „Кале“ на недоличната „прослава“ без присуство на народ, не осмелувајќи се да го изговорат зборот Македонија.
Локацијата на настанот нема никаква врска и со ништо не асоцира на Илинден. Ама, во име на европската перспектива, мекеретата го прифатија бугарскиот наратив со европски целофан. Гувеат, уста имаат, дума не проговараат!
СИ ГО БУГАРИЗИРАА ИЛИНДЕН
Проклето во право е премиерот Ковачевски кога верува и признава дека македонската агенда е иста како европската. Со тоа ја потврдува болната вистина дека најголемата историска поука за неуспехот на Илинденското востание било слепото верување во Европа. Тоа било и остана за навек погубно за Македонците!
Во духот на таквите первертирани „европски вредности“, бугарскиот претседател Радев упати честитка до неговиот, македонскиот хомолог, Пендаровски, по повод 120 годишнината од „Илинденско-преображенското востание, како заедничко и културно минато на двете земји“. Си го бугаризираа Илинден без око да им трепне, ама веројатно ќе го забранат 11 Октомври.
„Лаење на месечина“ е образложението за уставните измени, составено веројатно од некој владин неграмотен „советник-генијалец“. Одлепено од стварноста, се тврди дека не загрозувале ниту едно идентитетско прашање (сиц), па ич да не се бере гајле.
Нема значење што над осумдесет отсто Македонци се против! Згора на тоа, родоотстапниците го есапат народот мавнат, па министерот надворешен, Бујар Османи, со креда в рака црта и паламуди дека Македонците доброволно треба да ја прифатат бугарската гавра.
А, таа својата валкана и перфидна доктрина ја разработи и обзнани уште во 1998 година. Чекаше само да му дојде времето, стратегијата да ја подметне како кукавичино јајце на ЕУ, па таа со перверзниот француски предлог филигрански да ја операционализира.
НОВО СОНЦЕ НА СЛОБОДАТА
Месечарство или сомнабулизам. Главно се јавува при полна месечина. Феномен на одење во сон со отворени очи при што се извршуваат дејности карактеристични за будна состојба.
Во преносна смисла, месечарството е процесот на обезличен „Четврти Илинден“, чија суштина и цел е бришење на македонизмот. Јанса фаќа немирот дека исто му се фаќа ако Бугарите се внесат или не во Уставот.
Сомнеж дека македонизмот етапно ќе се нулира со неговото минато и иднина. Геополитичката цел на „Вујко Сем“ и „Блудницата Вавилонска“ е преку домашните измеќари и корисни идиоти да ги операционализираат наметнатите небулози со Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
Првата фаза заврши со прекрстување на името. Во тек е втората со „признавањето“ на јазикот што се користи во Северна Македонија, редефинирање на „заедничката историја“ и постепено суптилно создавање нова „северномакедонска нација“.
Таква направија не може долгорочно да опстои, туку кога-тогаш ќе мора да се трансформира во бугарска. Оттука, јансата дека можеби „над Македонија нема да се роди новото сонце на слободата!“
Недоветните губитници од лош човечки материјал со паразитски менталитет продолжуваат опсесивно да верглаат „Бугарите во Уставот или маф е работата“.
Срам и арам што ниту еден кураж и мадиња нема како српскиот надворешен министер, кој арогантно им одбруси на Бугарите: „Ако кај вас нема Срби, тогаш и во Србија нема Бугари“.
Перфидација! Само така може да се дијагностицира неспособната и корумпирана симбиоза на „државотворци“ од неокомунистички, неоврховистички и необалистички рестлови и нивното „лаење на месечината“!