Од Основото јавно обвинителство информираат дека лабораторијата за дрога во Мала Речица, Тетово, откриена вчера во полициска акција, е најголема лабораторија за неовластено производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа. Акцијата спроведена вчера во која беа запленети стотици килограми дрога и уапсени четири лица, била во координација со Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Република Србија.
„Станува збор за меѓународна организирана криминална група, составена од државјани на Република Србија и македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во исто време од страна на групата во Тетово била опремена илегална лабораторија за производство на синтетички дроги и прекурсори, со намера за натамошна продажба и организирање на испорака на истите во Република Македонија, Република Србија и во други земји“, велат од Основното јавно обвинителство на Република Македонија.
За координирање на паралелна прекугранична истрага и соработка, додаваат од таму, е формиран Заеднички истражен тим на органите од двете држави.