Кустосот Ленче Јованова е жената која ја прегази багер во Скопје

by fokus

Ленче Јованова е 66-годишната жена која почина откако пред два дена ја прегази багер во центарот на Скопје, на обележан пешачки премин.

Јованова беше познат археолог и кустос, која професионално го промовирала македоснкото културно наследство во земјава и светот, а со неа се простија од Македонското археолошко научно друштво.

-Со големо неверување ја примивме веста дека нашата колешка Ленче Јованова во текот на вчерашниот ден во немил настан на 66 годишна возраст го загуби својот живот.

Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи.

Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупи – некрополи : стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум.

Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот- објавија колегите на Јованова.

Мажот кој го управувал багерот со кој беше усмртена Јованова, 42-годишник од Скопје, е осомничен дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Одредени му се мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

Вики Клинчарова

Поврзани новости