Курц: Пандемијата ги покажа слабостите на ЕУ

by fokus

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави денеска, по повод Денот на Европа, дека пандемиската криза ги покажа слабостите на ЕУ во споредба со другите актери, а министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, подвлече дека минатата година е изгубена година во однос на проширувањето на ЕУ, и тоа не смее да биде сега бидејќи ЕУ е нецелосна без Западен Балкан.

– Изминатите месеци од пандемијата не само што беа предизвикувачки за сите граѓани во Европа, туку кризата јасно ги покажа сите слабости на ЕУ во споредба со другите актери. Затоа е сега важно да се надомести недостигот со брзо и ефикасни мерки. Ние го охрабруваме заедничкиот пазар преку модернизација и дигитализација, нагласи Курц.

Тој додаде дека претстојната Конференција за иднината на Европа е шанса да се одржи отворена дебата за тоа што ЕУ мора да стори во иднина, а Австрија ќе придонесе за позитивниот развој на Унијата и зачувувањето на заедничките вредности.

Министерот за надворешни работи Александар Шаленберг истакна дека Европа мора да биде поставена така што ќе биде подготвена за во иднина.

– Клучот е проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан. Минатата година беше изгубена година за целиот регион и сега е важно да се надомести застојот, бидејќи штетата ќе се зголеми. Без нашите партнери во Западен Балкан, ЕУ не е целосна, изјави Шаленберг.

Поврзани новости