Курц: ЕУ да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија

by Фокус

-Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада, рече денеска шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, кој заедно со македонскиот министер за надворешни работи, Митко Чавков, го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.

Курц рече дека ситуацијата во Македонија е драматична, земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти и затоа ЕУ мора да помогне. Посочи дека не смее понатаму да се дозволи во Македонија да влегуваат нерегистрирани мигранти од Грција.

Министерот Чавков истакна дека само во саботата во Гевгелија се создаде наплив од 8.000 бегалци што претставува една третина од населението на градот.

-Со околу 800 припадници на полициските сили и помошта од АРМ успешно се справивме со нив, но ескалацијата од ден на ден е се поголема поради неконтролираниот влез на мигрантите од грчка страна. Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот низ Македонија. Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија, рече Чавков.

 

Поврзани новости