Курц е прогласен за виновен за давање на лажни изјави

by Фокус

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц е осуден на условна казна од осум месеци поради давање лажни изјави во парламентарната истрага за наводна корупција во неговата прва влада. Пресудата на судот во Виена доаѓа по четиримесечно судење.

Во јуни во 2020 година, беше обвинет за давање на лажни изјави за својата улога при основање на холдинг компанија која извршуваше одредени јавни работи, како и за именување на поранешниот близок соработник Томас Шмид во нејзиното раководство.

Зборувајќи за пресудата, Курц посочи дека е ослободен во два од три случаи.

– Во еден од овие три случаи судијата смета дека сум дал лажна изјава пред собраниска анкетна група. Конкретно се работи за одлуката на одборот на директори – вели поранешниот канцелар.

Неговиот адвокат подоцна рече дека ќе поднесе жалба на пресудата, за што Курц рече дека се надева на успех во апелациониот суд.

Курц поднесе оставка во 2021 година, откако беше отворена посебна истрага за корупција и оттогаш ја напушти политиката.

Поврзани новости