Курти: Северна Македонија ја сметам за сојузник, собирите не беа насочени против никого

by Fokus

Сметам дека Република Северна Македонија е земја, партнер, сојузник и пријател со заеднички интегративни цели во Европската Унија“, рече премиерот на Косово, Аљбин Курти, при презентацијата на проектот за патот Призрен-Тетово.

„И тие се членка на НАТО, а ние тука го имаме НАТО. Ова покажува дека нашите односи се одлични“, рече тој.

Тој додаде дека во петокот бил во Северна Македонија на покана на градоначалниците на Чаир и Тетово.

„Беше одлично за нас. Овие средби не се одржуваа како средби и собири против никого. Со добри односи меѓу нас, никој нема да настрада. Останатите изјави не ги коментирав, но секогаш ја изразувавме нашата подготвеност за соработка“, рече Курти.

Овие изјави на косовскиот премиер уследија по вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски за средбите во Скопје и Тетово на кои присуствуваше и Курти.

Забелешки имаше и за името на улицата „Адем Демачи“ во Чаир, сметајќи дека е одлука која е во спротивност со демократските и правните норми.

Но, веднаш по реакцијата на Пендаровски, следуваше реакција на претседателот на општина Чаир, Висар Ганиу.

Тој изјави дека името на улицата „Адем Демачи“ во Скопје ги исполнува сите законски прописи и оти за тоа е одлучено со мнозинство гласови во Собранието на општина Чаир. Тој додаде дека оваа рута е веќе официјално објавена во службен весник.

Поврзани новости