Курти ги собрал Касами, Меџити, Гаши и Таравари во Приштина, дали станало збор за окрупнување на албанската опозиција?

Лидерот на АА, Арбен Таравари, за „Фокус“ потврди дека имало предновогодишна средба во Приштина со Албин Курти, додека првите луѓе на Беса, Алтернатива и ДД - Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити не одговорија на нашето прашање за што разговарале со косовскиот премиер, чија партија Самоопределување отворено ја поддржува албанската опозиција во земјава, па дури ќе има свој претставник на пратеничките листи.

by Фокус

Косовскиот премиер Албин Курти свикал и одржал средба во Приштина со албански политички лидери во земјава, на која присуствувале водачите на обединетите Беса, Алтернатива и Демократско движење – Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.

Воедно, на средбата со Курти присуствувал и Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, која веќе извесен период е дел од власта на СДСМ и ДУИ, но се уште калкулира како ќе настапи на следните избори.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, не присуствувал на средбата со косовскиот премиер, чија партија Самопределување отворено ја поддржува обединетата албанска опозиција во земјава, па дури се најавува дека нивни претставник ќе биде дел од пратеничките листи на Европскиот сојуз за промени.

Имаше средба, ништо посебно, предновогодишна средба – кусо ни изјави Таравари, потврдувајќи ја иформацијата за собирот во Приштина, без да даде повеќе детали.„Фокус“ се обиде да добие изјава и од Касами, Гаши и Меџити, но тие не одговорија на нашето прашање што било предмет на дускусија со Курти.

Инаку, Курти важи за најпопуларен политичар меѓу Албанците во Македонија, што го потврдуваат и анкетите што ги прават политичките партии, на кои, според партиски извори, Курти има двојно поголем рејтинг од албанскиот премиер Еди Рама. Затоа, големо внимание предизвикува поддршката на Курти и Самоопределување за албанската опозиција во земјава.

Неодамна, Курти ја посети земјава, по повод именувањето на улица во Општина Чаир според Адем Демачи, кој значаен дел од животот го поминал во затвор поради неговите активности за независност на Косово за време на поранешна Југославија. Токму Демачи е идеолошки татко на актуелниот косовски премиер.

Демачи поради своите заложби и дејност во поранешна Југославија бил осуден вкупно на 28 години затвор, но остана нескротлив симбол за слободата на Албанците во Југославија – рече Курти за време на посетата во земјава, кога жестоки реакции предизвика веењето на знаме на Голема Албанија на собир во Тетово.

Уште тогаш стана јасно дека тој промовира обединување на албанската опозиција која треба да биде антипод на ДУИ, што кулминираше со најавата дека македонски огранок на неговата Самоопределување ќе биде четвртиот коалициски партнер на Беса, Алтернатива и ДД.

Иако има законски пречки за учество на странска партија во изборниот процес во земјава, нема пречка луѓе од Самоопределување да се најдат на пратеничките листи. На отворањето на канцеларија на коалицијата во центарот на Скопје присуствуваше и Беким Ќоку, претставник на Курти и негов советник за Македонија.

И тој го најави Самоопределување како четврти столб на албанската опозиција, без да каже дали и кога ќе биде регистрирано во земјава. Колку за информација, Ќоку доаѓа од Струга и порано бил пратеник на ДПА, по што преминува во Алијанса за Албанците, чиј лидер Таравари, исто така, му бил гостин на Курти во Приштина.

Ги поканувам и другите политички партии, невладиниот сектор, а отворена покана испраќам и до Алијанса за Албанците да им се придружи на овие промени, бидејќи јас како поранешен член на Алијанса го чувствувам и познавам менталитетот и опозицискиот дух на Алијанса и знам дека местото ѝ е тука – порача Ќоку во земјава.

И албанската опозиција постојано упатува апели до Таравари да им се придружи во опозицискиот фронт, со цел, како што велат, да донесат промени и во албанскиот блок. Во таа насока, Меџити отворена покана до Таравари испрати неодамна и во интервју за „Фокус“, кога изјави:

„Ние ги повикуваме сите незадоволни граѓани, интелектуалци, невладини организации, па и политички чинители. Наративот на Алијанса беше антидуи, дека треба нова политичка ера и сега е шансата да истапат од таму и да и се приклучат на опозицијата…“.

(ИНТЕРВЈУ) Меџити: На ДУИ му помина рокот, опозицијата ќе настапи заедно и ќе победи на изборите!

Сепак, Алијанса се уште нема донесено одлука како ќе настапи на изборите. Неофицијално, Таравари повеќе се залага за здружување со албанската опозиција, додека крилото на неговиот претходник Зијадин Села е за продолжување на соработката со ДУИ.

Оттука, од партијата моментално говорат за самостоен изборен настап, што треба да биде некаков компромис за да се спречи раскол и поделба на партијата. Во секој случај, АА се наоѓа во незавидна позиција.

Од една страна, ако се здружи со албанската опозиција нема да може да го ужива приматот на водечка партија во коалицијата, иако според резултатот на последните избори е втора партија после ДУИ. Од друга страна, доколку продолжи со ДУИ, ризикува целосно да загуби идентитет.

Исто така, партијата презема ризик и со самостоен настап, бидејќи може лесно да се случи целосно да се изгуби во крупната битка меѓу Ахмети и поранешните интегративци – Меџити, Касами и Гаши.

Всушност, на Алијанса може да и се повтори она што веќе и се случи на предвремените локални избори во Тетово, кога доживеа дебакл, бидејќи не се позиционираше најдобро во битката меѓу ДУИ и Беса, која веќе имаше градоначалник – Касами.

Впрочем, за тоа е свесен и самиот Таравари. Во интервју за „Фокус“, тој неодамна рече дека за изборниот резултат во Тетово имало повеќе причини, но патем говореше и за феноменот на постоење на два пола во политичката битка, при што страдаат актерите надвор од тие пола.

Беше 20 -ти август, крај на одмори. Имаше незаинтересираност на населението, бидејќи не се гласа за градоначалник, туку само за совет. Секогаш на изборите има 2 пола, па овде беше ДУИ со Беса, која веќе имаше градоначалник. Имаше обиди да излеземе во заедничка листа со Беса, но ете не успеа тоа… – рече Таравари.

(АРХИВА) Интервју со Таравари: Ни треба нов Устав за внатрешна реорганизација, еден предлог е дводомен парламент и 20 општини!

Во неколку наврати, „Фокус“ пишува дека Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати. Во првиот јавен настап по подолг период, Села даде поддршка за т.н. европски фронт промовиран од Ахмети.

Тоа следуваше откако Таравари го смени првичниот став за предизборна сеалбанска коалиција и почна да се залага за самостоен изборен настап на АА. Во друго интервју потоа, пак, и Села рече дека имаат капацитет и за самостоен настап.

Според анкетата на Институтот „Арбен Џафери“, која го мери и расположението на граѓаните Албанци, АА сама на изборите би освоила 12,2 отсто од гласовите. Притоа, ДУИ би бил апсолутен победник со 29 отсто, додека опозицискиот сојуз би имал 16,6 отсто.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости