Франција, Германија и Италија испратија писмо до косовскиот премиер Албин Курти, во кое јасно посочуваат дека Косово не ги исполни барањата на меѓународната заедница во однос на членството на земјата во Советот на Европа, сметајќи дека не е направен ниту еден конкретен чекор кон формирањето на ЗСО, и ги повикуваат властите во Приштина да размислат за испраќање на нацрт-статутот до Уставниот суд.
„За жал, чекорите што ги предлагате не ја решаваат итната потреба од конкретни чекори кон формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и ризикуваат дополнително да го поткопаат дијалогот што го води Европската Унија“, се вели во писмото објавено од Албаниан пост.
Тие посочуваат дека нацрт-статутот што го презентираше специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, е солиден модел за тоа како треба да изгледа ЗСО.
– Прво, нацрт-статутот што го презентираше специјалниот претставник за дијалог Мирослав Лајчак не е „џентлменски предлог“. Тоа е солиден модел, внимателно изработен со помош на европски правници и експерти, врз основа на постојните најдобри практики. Разгледајте ги сите ваши црвени линии, вклучително и Уставниот суд и правната рамка. Уште еднаш да нагласиме, не сакаме нефункционално Косово. ЗСО никако не може да се спореди со Република Српска – велат од Италија, Франција и Германија.
Доставувањето на нацртот до претставниците на Советот на Европа, како што велат, не би претставувало чекор напред „бидејќи нивното мислење нема да биде правно обврзувачко“. Посочуваат дека напредок може да се постигне само со испраќање на тој документ до Уставниот суд.
Во писмото тие се повикуваат на предлогот на Курти за креирање нов нацрт, нагласувајќи дека такво нешто не би било соодветно ниту применливо.
– Вашиот предлог за подготовка на нов нацрт во консултација со актуелните градоначалници на северните општини не е ниту соодветен ниту применлив поради актуелните околности во овие општини. Премиере, да разјасниме: постои реален ризик дека без одлучувачки напредок во Заедницата, апликацијата на Косово до Советот на Европа нема да добие доволна поддршка од земјите-членки. Придвижувањето напред во согласност со насоките предложени од Квинта ќе ја покаже вашата посветеност на правата на малцинствата, што ќе ја зајакне позицијата на Косово и повторно ќе го засили дијалогот предводен од ЕУ – се наведува во писмото.
Италија, Франција и Германија забележуваат дека искрено веруваат во лидерството на Курти и дека тој ќе донесе правилна одлука.
– Ова е единствениот начин да се обезбеди успех на вашата апликација. Вашите постапки и одлуки во овој критичен момент ќе бидат одлучувачки за аспирациите на Косово за членство во Советот на Европа. Топката е во вашиот терен. Искрено веруваме во вашето водство – се заклучува.