Еден од најпрепознатливите брендови е порталот „Курир“ во чии содржини речиси на дневна база се „ловат вештерки“, геј-новинари, грчки платеници и предавници. Порталот има импресум на новинари и уредници, но неговите текстови речиси никогаш не се потпишани од автор. Издавач на овој портал е компанијата „Ем медиа ДООЕЛ“. Според документите од Централен регистар на Македонија, сопственик на оваа компанија е извесен Ацо Мисајловски.
Неговото име не е познато во јавноста, но неговиот брат е сосема друга приказна. Владо Мисајловски, братот на Ацо, е државен секретар во Министерството за надворешни работи, член на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, како и поранешен претседател на младинскиот општински огранок во местото Ѓорче Петров.
Ниту еден од браќата не се одзва на нашите покани за разговор во врска со сопственоста на овој портал. Ацо Мисајловски се согласи да се сретнеме, но потоа не се јавуваше на мобилниот телефон, додека неговиот брат во МНР воопшто не се одзва на нашите покани за состанок.
Но, адресата на порталот „Курир“ и личноста што е наведена како маркетинг-контакт на оваа компанија нѐ доведоа и до други интернет-портали, претежно формирани во последните година или две, кои не само што делат слична уредувачка политика со „Курир“, туку често делат и исти содржини.
Трагањето по сопствениците на некои од порталите кои немаат никакви информации за фирмите или, пак, уредниците што стојат зад нив почна од извесно лице Дејан Донев. Неговотo име и телефонски број се оставени како маркетинг-контакт на порталот „Курир“, но и на порталите „Лидер“, „Вистина“ и „Денешен“. „Лидер“, „Економски“, „Вистина“ и „Денешен“ немаат податоци за главниот уредник на весникот и фирмата-издавач на самиот сајт.
Исто така, во државниот македонски регистар на портали, ова лице (Дејан Донев) е административен или технички контакт на сите споменати портали, а во случајот со порталот „Денешен“ фирмата „ИИА ДД ДОО“ се води како административен контакт.
Проверката на оваа фирма во Централниот регистар покажа дека Дејан Донев е еден од сопствениците на „ИИА ДД“. Но, повеќе тешкотии нѐ чекаа во утврдувањето на фирмите што стојат зад „Лидер“ и „Економски“. Замоливме дел од соработниците на порталите „Лидер“ и „Економски“ да ги погледнат своите договори и да ни кажат која фирма им ги исплаќа месечните хонорари, но и кои се луѓето што стојат зад уредувачката политика.
– Нам како координатор на проектот ни е претставена Билјана Трендафилова. Кога ја прашавме кој е газда во порталот за кој работиме, таа ни рече дека не смее да зборува за тоа, но дека е доволно да знаеме дека сопственикот е некој познат скопски бизнисмен. Парите ги добиваме преку авторска агенција бидејќи сме хонорарци – рече соработникот кој сакаше да остане анонимен поради страв дека ќе го загуби своето работно место.
Сепак, најинтересната информација дојде од авторската агенција, која ги исплаќа овие новинари. Соработникот на сајтовите, инаку економски портали во кои најчести се информациите за владините економски успеси, ни посочи дека хонорарите ги добиваат преку авторска агенција. Увидот во неколку од договорите на новинари на порталот „Лидер“ и новинари на порталот „Економски“ покажаа дека нив ги плаќа „Ем медиа“ – фирмата – издавач на порталот „Курир“ или фирмата на братот на државниот секретар за надворешни работи.
Хонорарите на овие новинари не се големи – се движат од 15 до 20 илјади денари.
Она што е интересно е што и во двата медиума работат новинари од јавниот сервис – Македонската телевизија и новинари – уредници од ТВ Сител, во моментов најгледаната национална телевизија каде што Владата исплаќа најголеми суми за владините реклами, но и телевизија што се јавува како донатор на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на последните избори.
Билјана Трендафилова, пак, која ни беше посочена како координатор на порталот „Лидер“, од неодамна стана уредник на информативната програма на јавниот сервис МТВ. Нејзиното лице од вечерните вести на МТВ е познато низ земјата. Тимот на „Медиа педиа“ ја праша оваа новинарка дали се точни тврдењата на новинарите. Таа негира дека е координатор на проектот, но не негира дека пишува за порталот.
– Јас само пишувам анализи за „Лидер“, ниту е мој сајтот, ниту, пак, јас го раководам. Не гледам конфликт на интереси со тоа што работам во МТВ и кога работев во Алфа, јас пишував анализи за Би-Би-Си. Секој новинар е слободен да работи за кого сака, тоа не е забрането со закон. Сајтот е во сопственост на еден скопски бизнисмен и не знам дали е тој поврзан со „Курир“ и со „Ем Медиа“, вели Трендафилова, а на нашата молба да ни каже за кого станува збор, таа ни изјави дека ние не сме истражни органи.
Став побаравме и од директорот на јавниот сервис МТВ, Марјан Цветковски, кој вети дека ќе ги испита наводите.
– Ние како работодавен орган не сме запознаени со информациите дека одредени наши новинари соработуваат со интернет-портали. Ќе ја провериме оваа информација и доколку се утврди како точна ќе постапиме според позитивните законски норми – вели тој.
„Ем медиа“ е, исто така, издавач и на порталот „Вистина“ – забавен информативен портал, кој, освен што се занимава со пејачите, актерите, спортистите и со други познати личност на начин типичен за жолтиот печат, „Вистина“ во своите текстови често обвинува некои од популарните личности за непримерно претставување на државата Македонија или непатриотско однесување кое ја „брука“ државата. Па така, од „ловот на предавници“ и луѓе кои ја „срамотат“ татковината никој не е поштеден, ниту пејачи, ниту новинари, спортисти, ниту невладини организации и политичари.
Но, адресата на „Ем медиа“ или седиштето на порталот „Курир“ обединува и други бизниси. На истата адреса се води и интернет-телевизијата „Македонија 24“ чиј регистрант на Марнет е фирмата „ИИА ДД ДОО“ во сопственост на Дејан Донев. „Македонија24“ има заедничко седиште со „Курир“,а Порталот „Курир“, освен текстуалните и фотосодржини, редовно емитува и видео содржини, кои, пак, се подготвени, односно преземени од интернет-телевизијата „Македонија 24“, со која го делат истото седиште.
Но, од друга страна, на Бирото за јавни набавки може да се забележи дека „Курир“, односно „Ем медиа“ неколкупати земала тендери од владата и некои општини и институции меѓу кои и ЕЛЕМ и МЕПСО за „набавка на обработени видео вести“. Нејасно е за каква набавка станува збор, со оглед на тоа дека единствените видеосодржини на „Курир“ се од порталот „Македонија 24“, а од друга страна, содржините на „Курир“ се јавни.
На овој начин „Курир“ добил десетици илјади евра и тоа во договори во очи, онакви какви што се прават за малите набавки до 5 илјади евра. Но овие суми се единствените кои можат да се потврдат на страницата на Бирото за јавни набавки. Парите што ги добиваат од владините реклами и рекламите на другите државни институции не се познати бидејќи владата на овие прашања сега, како и многупати претходно ни испрати одговор дека податоците врзани за парите што се исплаќаат на медиумите за рекламирање се „класифицирана информација, чие оддавање може да им наштети на државните интереси“.
Дејан Донев, лицето што обединува многу од споменатите портали чија сопственост е нејасна, исто така се јавува како корисник на државните тендери со својата фирма „ИИА ДД“.
Телефонскиот број на Донев е маркетинг-контакт на „Курир“, „Лидер“, „Денешен“, иако на Лидер избегнале да го впишат неговото име, па стои само неговиот телефонски број, идентичен со бројот на другите. Но, “ИИА ДД“ впишана е како компанија одговорна за печатењето на годишната програма наМинистерството за култура, а компанијата добила тендери од градот Скопје и од Владата на РМ, чија веб-страница ја изработила токму оваа фирма.
Овие информации можат да се пронајдат во евиденцијата на Бирото за јавни набавки – секција во која се водат тендерите кои се доделуваат во четири очи или со преговарање без објавување Името на ИИА ДД исто така е поврзано и со изработката на веб-страницата „Танцот на ѕвездите“, шоу кое се емитува на јавниот сервис МТВ. Дејан Донев, исто како и сопственикот на „Ем медиа“ и неговиот брат, не одговори на ниту еден од нашите телефонски повици.
Друштво „Ем медиа“, заедно со „Прва република“, се наоѓа меѓу издавачите на електронски публикации кои имаат најдобра финансиска кондиција. Според податоците од Централен регистар, друштвото во 2012 година имало приходи од 20.313.201 денари или околу 335 илјади евра. Или, пак, месечно располагаат со речиси 30 илјади евра буџет, сума која неколкупати го надминува годишниот буџет на многу од порталите, а кај дел од критичните портали често обвинувани дека се „платеници на СОРОС“ месечниот буџет на „Курир“ може да претставува и нивен годишен приход. Оперираат и со мали тендери со институциите, а нивните страници се полни со банери од владините кампањи.
МИСТИЧНАТА ШВАЈЦАРСКА ФИРМА ВО ШЕМАТА НА „ТЕЛЕГРАФ МК“
Бизнисменот Јордан Камчев е еден од сопствениците на порталот „Телеграф МК“, кој е најмлад медиум во групацијата позната како Медиа принт Македонија, каде што спаѓаат дневните печатени изданија на „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“ и на „Теа модерна“.
Порталот „Телеграф МК“ почна со работа во јуни 2013 година, а како сопственик се јавува токму „Медиа принт Македонија ДООЕЛ Скопје“ (МПМ) со основна главнина од милион и 941.864 евра.„Медиа принт Македонија“ е фирма која е во стопроцентна сопственост на „Графички центар“. Оваа вторава компанија има тројца газди и секој од нив има идентичен паричен влог од милион и 714.351 евро. Првата третина од „Графички центар“ ја поседува „Орка холдинг АД Скопје“ на Јордан Камчев, додека втората е во сопственост на компанијата „Мирекс плус ДООЕЛ Скопје“, каде што, пак, како газда се јавува Срѓан Керим, поранешниот генерален менаџер на МПМ, кога оваа компанија беше во сопственост на германскиот медиумски концерн ВАЦ.
Срѓан Керим во моментов се спомнува како можен кандидат за претседател на Македонија, и тоа по предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Керим беше амбасадор на Македонија во Сојузна Република Германија, во периодот од 1994 до 2000 година, кога стана министер за надворешни работи во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски, во која денешниот премиер Груевски беше министер за финансии. Керим од септември 2007 до септември 2008 година беше и претседател на Генералното собрание на Обединетите нации.
Тој никогаш не го криел пријателството со директорот на Тајната полиција, Сашо Мијалков, кој е прв братучед на премиерот Никола Груевски. Керим во интервјуто за македонскиот неделен весник „Фокус“ на 23 февруари 2010 година ќе изјави оти „точно е дека се дружиме со Мијалков. А зошто да не, јас со него сум се дружел приватно и кога не бил на функција“.
Истражувањето објавено во книгата на новинарот Сашо Орданоски „Заробена демократија (2012)“ сликовито прикажува како се зголемуваат и партиските и владините реклами во весникот „Дневник“ (дел од „Медиа принт Македонија“, каде што Керим беше генерален менаџер) откако ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт по изборите на 5 јули 2006 година.
Ако во 2005 година во „Дневник“ биле објавени 82 државни и 63 партиски реклами на цела страница, во 2008 година, 24 месеци откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, во овој весник имало 599 државни и 114 партиски реклами.
Наредните години, бројот на државни реклами опаѓа, но, сепак, е двојно или повеќепати поголем од тој во 2005 година. Интересна е и споредбата за тоа колку партиски огласи биле објавени во „Дневник“ во истиот шестгодишен период. Ако ВМРО-ДПМНЕ имала вкупно 633 реклами, опозицискиот СДСМ останал на 75.
Сликовит е и примерот за предвремените парламентарни избори во 2011 година, кога владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ објавила дури 200 реклами во овој весник, а опозициската партијата СДСМ само пет.
Последната третина од „Графички центар“, а со тоа и на порталот „Телеграф МК“ е во сопственост на српската компанија „Интернет груп ДОО“, кај која како сопственик официјално се јавува Среќко Мијодраговиќ, меѓутоа во јавноста оваа фирма беше претставена како компанија во сопственост на српскиот бизнис-тајкун Веселин Јевросимовиќ, газда на компјутерската фирма „Комтрејд груп“. Јевросимовиќ во српската јавност е познат по прекарот Српскиот Бил Гејтс. Мијодраговиќ, пак, според веб-страницата на „Комтрејд груп“, е советник на Јевросимовиќ.
Токму „Комтрејд груп“ во 2009 година добила тендер од македонското Министерството за информатика вреден 11,7 милиони евра, преку кој српската компанија на македонската влада ѝ продала 55.000 компјутери за децата до трето одделение и за наставниот кадар во основните училишта. Јевросимовиќ важи за близок до македонскиот бизнисмен Жарко Луковски и тоа досега Луковски не го демантираше иако беше објавено во дневниот „Фокус“ на 4 септември 2012 година.
Дневниот и неделниот „Фокус“ пишуваа дека Луковски најверојатно бил бизнис-партнер на Јевросимовиќ во Скопје бидејќи и Луковски имал фирма што се вика „Комтрејд“.
Луковски денес е генерален извршен директор на „Т-мобиле Македонија“, фирма дел од „Т-хоум“, која, пак, продава компјутери од фирмата на Јевросимовиќ „Комтрејд“ или скратено „ЦТ компјутери“. Република Македонија е сопственик на околу третина од акциите во македонскиот „Т-хоум“. Луковски, исто така, е близок пријател на директорот на Управата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, и прв братучед на премиерот Никола Груевски.
Веселин Јевросимовиќ ја купи и скопската Алфа ТВ од бизнисменот Штерјо Наков, кој важи за олигарх близок до сегашната опозиција. Веднаш по промената на сопственичката структура, Алфа ја смени уредувачката политика и сега е во редот на провладини медиуми.
Интересни податоци стојат и зад името на управителот на „Телеграф МК“ Горан Манов. Тој во исто време е управител на „Хотел Ибис“, кој во моментов се гради во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на скопскиот плоштад. Сопственици на „Хотел Ибис“ се компанијата „Орка холдинг АД “ (на Јордан Камчев) и компанијата „Ексико“, која зад себе има швајцарски капитал од фирмата „Т&МЈ Инвестментс СА Лугано“.
Врската меѓу мистериозната „Ексико“ и Камчев е во тоа што во фирмата на Камчев „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Кара“) има двајца Швајцарци, неизвршни членови на одборот на директори кои извесно време во Швајцарија работеле во „Т&МЈ Инвестментс СА Лугано“. За оваа фирма пишувавме во вчерашното истражување како содружник на Цветан Панделески и на фирмата од Белизе, „Базики лимитед“ во компанија „Искра ММ“.
Компанијата „Медиа принт Македонија (МПМ)“, која е директен сопственик на „Телеграф МК“, во 2013 година за време на локалните избори донирала само во коалицијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, и тоа со нешто над 250.000 евра, со што и официјално станаа најголемиот донатор на владејачката партија на овие избори.
Она што е интересно во врска со МПМ е дека нивната донација е речиси стопати поголема од добивката на компанијата. Документите до кои дојде тимот на Медиа Педиа покажуваат дека друштвото остварило приходи од околу 13 милиони евра во 2012 година, а пријавило добивка од само 200.000 денари или едвај 4 илјади евра.
И покрај ваквата ниска добивка, МПМ се решила на поприлично срдечна донација кон владејачката партија. Законски сѐ е легално бидејќи според македонските закони, една компанија смее да донира до 10 отсто од своите приходи. Прашањата се отвораат поаѓајќи од простата бизнис-логика – или кој донира пари кои се речиси 100 пати повеќе од неговиот профит.
И ОПОЗИЦИСКИТЕ ИНТЕРЕСИ ЗАСТАПЕНИ НА ИНТЕРНЕТ ВО ЧУДНИ СОПСТВЕНИЧКИ СТРУКТУРИ
Свој портал има и поранешниот генерален конзул во Њујорк и член на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, Филип Петровски. Тоа е порталот „Пулс 24“, а Петровски не ја крие неговата поврзаност со оваа компанија. Од оние интернет-изданија кои не ја кријат сопственоста свои портали имаат и други новинари кои работат во медиумите кои важат за провладини. Информативен портал имаат и функционери на опозицијата или нивни блиски. Илин Николовски, син на пратеничката од СДСМ Ленче Николовска (поранешна новинарка во затворената А1 телевизија) е сопственик на порталот „Бриф“.
Тимот на „Медиа педиа“ откри уште еден сајт – „Центарњус“ – кој се поврзува со директорот на јавното претпријатие Паркинзи Центар, Саша Богдановиќ, инаку член на опозициската СДСМ.
Порталот не е регистриран во Националниот македонски регистер на портали Марнет, така што на вистинскиот сопственик тешко е да му се влезе во трага. Како и да е, тимот на Медиа Педиа изврши пребарување на интернет користејќи специјални веб апликации кои трагаат по серверите на кои веб страниците се регистрираат.
На една таква апликација Whois која ги пребарува сопствениците, односно регистрантите на веб страници низ целиот свет го пронајдовме „Центарњус“, регистриран во Пенсилванија, а како регистрант беше впишано името на Саша Богдановиќ, актуелниот директор на ЈП Паркинзи на општина Центар
Тимот на „Медиа Педиа“ се обрати кај директорот и праша дали тој стои зад овој портал, кој освен што е пристрасен кон опозицијата, фокусот во известувањата е ставен на администрацијата на општина Центар, во позитивна конотација. Богдановиќ даде конфузен одговор кој истовремено ги содржеше зборовите „да“, па потоа рече „не знам“, за по неколку секунди да рече „да видиме“ или „на нашите e“, за на крај да испрати порака во која не упатува повторно да провериме каде е регистриран.
Имено, тој се послужи со ситна итроштина и ни прати линк во кој не замоли уште еднаш да погледнеме „каде тоа го гледаме така“, а всушност во меѓувреме веројатно успеал да ги измени податоците и да го тргне своето име од регистранти. Се разбира, опцијата Google cache овозможува зачувување на овие податоци, а исто така, во интернет просторот оваа регистрација се уште постои на друга страница за што подолу може да се погледне линк од документот.
Ова истражување е заеднички труд на новинари од редакциите на НОВА и ФОКУС. Автори се Сашка Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов. Истражувањето е поддржано од Европската унија во рамки на проектот „Медиумска обсерваторија на Југоисточна Европа“. Ова е прв дел од истражувањето на сопственоста на интернет медиумите во Македонија во рамки на кои во наредните денови ќе биде објавена и интернет база на медиумската сопстеност.