Кунгуловски за „Фокус“: Медицинските лица кои се заразени, а имаат благи симптоми, треба да работат

by Fokus

Високите бројки се резултат на зголемиот број на социјални контакти во затворен простор периодов и влезот на омикрон сојот на голема врата во Македонија, истакна во изјава за „Фокус“, доктор Горан Кунгуловски, биоинженер во лабораторијата за генетика и персонализирана медицина – Жан Митрев клиник.

„Овие неколку денови, според податоци од надлежните установи, а и од нашите анализи гледаме дека застапеноста на омикрон сојот кај новозаразените е барем 70% и за кратко време ќе достигне 100% од сите новозаразени.

 

Значи комбинацијата на зголемен број на социјални контакти и фактот што омикрон сојот има својства да заразува и веќе прележани и веќе вакцинирани лица, на некој начин ја рестартираше пандемијата во однос на бројот на заразени“, тврди доктор Кунгуловски.

Според него,  поважен фактор во текот на пандемијата е бројката на хоспитализирани пациенти и смртни случаи, која што се очекува дека како одминува времето во наредниве неколку месеци ќе се намалува поради големиот број на имунизирано население (природна инфекција, вакцини или комбинација).

Тој исто така додава дека реалната бројка на заразени е далеку повисока со оглед на тоа што големиот број на луѓе  се тестираат во домашни услови.

„Реалната бројка е најверојатно повисока. Колку повисока мислам дека никој точно не знае, но може стручни лица математички да ги моделираат.

 

Во моментот кога 100% од населението ќе има некаков имунитет (природен, вакцини или комбинација) тогаш се очекува дека драстично ќе се намали притисокот и товарот врз здравствените капацитети“, истакна Кунгуловски.

Доктор Кунгуловски вели дека за да не дојде до крах на здравствените капацитети оние кои немаат или имаат благи симптоми треба да продолжат да работат, посебно за медицинските лица.

„ Ова го сметам за еден од најголемите проблеми моментално, посебно кога се работи за медицински и есенцијален персонал. За да не дојде до крах на здравствените капацитети, доколку се утврди потреба сите оние медицински лица коишто се заразени и немаат или имаат благи симптоми би можеле да се вратат да работат во КОВИД центрите и оневозможат колапс на системот.

 

Друг начин да се оневозможи колапс на општата работна сила е да се намали периодот на изолација на 5-7 дена, секако доколку се појави потреба од истото“, додава биоинженерот.

Вчера имаше рекорден број на заразени од ковид 19, дури 1.964 нови позитивни случаи. Најмногу заразени се во Скопје, дури 1.070, потоа Битола со 226 и Прилеп со 122 носители на опасниот вирус.

Досега во земјата се направени вкупно 1.672.767 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 236.241, бројот на оздравени пациенти е 215.853, на починати е 8.055, а бројот на активни случаи изнесува 12.333.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости