Новата В.Д. претседателка на Апелацискиот суд, судијката Мери Дика Георгиевска, е кума на осудениот во случајот „Рекет“ – Бојан Јовановски-Боки 13. Инаку, Дика Георгиевска беше и еден од сведоците во овој случај.
Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за престанок на судиската функција на Лидија Димчевска, која заминува во пензија и донесе одлука со која за вршител на должност Претседател на Апелационен суд Скопје се определува Мери Дика Георгиевска, судија на Апелационен суд Скопје.
Таа е избрана за судија во Апелациониот суд во 2005 година како судија на граѓанска област. Според нејзината биографија, има големо искуство и во адвокатурата и во судството.
По завршувањето на Правниот факултет во 1986 година, Дика работела во адвокатурата се до 1996 година, кога била избрана за судија во Основен суд Скопје II Скопје на стопанска материја. Таму работела до 2005 година, кога е избрана за судија во Апелација.
Од 2012 до 2018 година, таа е член на Судскиот совет, по што се враќа во Апелација.
Дика Георгиевски последно во јавноста беше актуелна кога сведочеше во случајот „Рекет“ во кој му се судеше на Боки 13, кому му е и кума. Исто така, во овој случај и се судеше и на поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.
Таа беше сведок на Обвинителството кое го докажуваше перењето на дел од тие милион и пол евра кои осудениот бизнисмен Орце Камчев тврдеше дека му ги дал на Јовановски.
Таа во судот кажуваше дека долги години е пријателка на мајката на Бојан и дека заедно оделе на одмори и патувања, но рече дека немала точни информации од каде му се парите и дека слушала дека биле од проекти.
Сестрата на судијката, Агапи Дика, беше претседател на Меѓународниот сојуз и таа беше повикана како сведок во вториот дел на „Рекет“, за Меѓународен сојуз, предмет во кој Јовановски беше осуден, бидејќи со наводен проект за изградба на комплекс за стари лица измамил двајца бизнисмени, а со парите што нивните фирми ги уплатиле ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината Меѓународен сојуз, а купувал и лични предмети.
Јовановски беше осуден на девет години и за случајот „Рекет“, но и за случајот со неговата невладина „Меѓународен сојуз“.
Работата на Апелацискиот суд, пак, сега е под лупа на Судскиот совет откако беше констатирано дека судии од овој суд без образложение ги одолговлекувале предметите „Тврдина-Таргет“, „Трезор“ и „Транспортер“.
Во првите два случаи, осуден е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков на кого извесно е дека ќе му застарат делата поради одолговлекувањето во судовите.
Судскиот совет кажа дека ќе ја продолжи постапката за судиите во спорните предмети, но засега одговорност нема.
Ф.Ф.С