Три вработени во две градинки во Куманово се позитивни на корона вирус, поради што седум деца се во изолација. Според Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово, заразени се воспитувачка и негувателка од иста група во објектот „Развигорче“ и една негувателка во градинката „Буба Мара“, пренесува „Кумановоњуз“.
„Во градинката „Развигорче“, воспитувачката и негувателката работеле со деца од прва мала група. По првите симптоми направено е тестирање и двете излегле позитивни. Извршена е епидемиолошка анкета и сите 7 дечиња се ставени во 14-дневна изолација во домашни услови и засега немаат никакви симптоми. Дадени се инструкции родителите да ја следат нивната состојба и доколку има потреба да ги контактираат матичните лекари“, вели епидемиолог Јадранка Стаменковска од ЦЈЗ во Куманово.