„Културно“ воскреснување на мрачна идеологија

by Фокус

Во културно-политичка смисла, ликот и делото на Ванчо Михајлов претставува негирање на посебноста на македонскиот народ и неговиот државнички легитимитет, кој се заснова на извојуваната слобода преку Народно-ослободителната борба, чиј директен непријател е Михајлов.

Пишува: Амар МЕЦИНОВИЌ

Денес оживеа фашизмот. Или можеби вчера. Не знам. Вледеењето на колективната меморија ги разделува временските црти на настаните, фрагментирани по форма – стогодишни или вчерашни – до мисловно бунило и конечен ревизионизам.

Од изворот на бунилото, се пои со одново обмислена јасност која ќе ја оправда сегашноста и ќе ја разбистри привидноста. Зачетокот на поматеноста е првиот патоказ кој води кон овој извор кој труе, за колективниот гениј кој е расцепен од својата вистинска карактерологија, чести закани демнат.

ЧИСТ ФАШИЗАМ

Но, сега се случи вресок, силен аларм со свој датум и место во Битола, со целосно јасен причинител, соучесници и намера. Чинам, слоевито е именувањето на културниот центар по Ванчо Михајлов – фашист и нацистички колаборатор и негатор на македонската нација и јазик!

Овие одлики се обединуваат во современиот контекст на ова именување, како мост помеѓу двете земји, како понатамошна артикулација на политичката тенденција на овa личност, која се однесува на соодносот помеѓу Бугарија и Македонија.

Во тој сооднос, негирањето на македонската нација и јазик се соголува во чист фашизам, по форма и супстанца. Овековечен низ резимето на кариерно фашистичко дејствување, оштриот врв на волјата на бугарскиот државен врв и убица на десетици истакнати револуционерни дејци од левицата – крвник на слободна Македонија.

Годините на поѓубрување на почвата за да израсне витален фашистички сноп, ни ги отапе сетилата, првично со демонизирање на повоената држава како злосторнички режим и ревитализација на идејата за борците против комунизмот.

Во склоп на континентален тренд, во Македонија блесна музеј за жртвите на комунизмот – една историска целина на личности и асоцијативни општествени форми кои понатаму ќе бидат предмет на контроверзна рехабилитација.

ВЕЛИКОБУГАРСКА ЦЕЛ

Под тоа историско руво, низ делата на личностите и организациите, се отсликува идеолошката карактерологија и практичната форма на овој „ендемски фашизам“ – реакција на македонскиот државен порив.

Затоа, возобновените сенки од минатото имаат историска издржаност, надополнување на „великобугарската“ цел кон Македонија, содржана во јадрото на идеологијата на „врховизмот“, кој секогаш потекнувал од бугарскиот државен врв.

Поточно, „врховизмот“ е идеолошки дериват на својата инструменталност, за разнебитување на македонската поединечност и национална концепција, и нема автохтона синтеза. Секогаш вертикален, од државниот врв – врховистички.

Затоа, кога, ако не сега? Кога помеѓу Скопје и Софија се преговара за македонскиот јазик, како еден од конституентите на македонската државност.

Кога премериот на Република Македонија е апологет, кој под умислата за демократски права и слободи, дозволи во земјата, чиј е државник, да се поставуваат темели за нејзиното идно разнебитување.

Сега, кога во Европа кулминира индиферентноста кон ништењето на анти-фашистичкото минато – поточно, кога активно се работи кон неговото разобличување.

НЕГИРАЊЕ НА НОБ

Што ќе промовира овој културен центар, и од кое идејно јадро ќе црпи вредносни црти? Доколку се работи за културен центар, тој би носел име на културен деец, затоа и на отварањето на „клубот“ не беа присутни културни дејци, туку политичари со јасна замисла за културниот центар – промоција на нео-врховистички, асимилаторски и фашистички вредности.

Во културно-политичка смисла, ликот и делото на Ванчо Михајлов претставува негирање на посебноста на македонскиот народ и неговиот државнички легитимитет, кој се заснова на извојуваната слобода преку Народно-ослободителната борба, чиј директен непријател е Михајлов.

На 24 октомври 1945 година, македонскиот народ како државотворен народ на Демократска Федерална Македонија при ФНР Југославија, се признава меѓународно. Затоа, ова е јасен сигнал од бугарските власти и аларм за македонската јавност.

Во оваа финална форма, соочени сме со нео-врховистичка ревитализација која ја негира државноста во целост, како фабрикација на историски услови кои веќе немаат оправдување.

Авторот е портпарол на Левица

Поврзани новости