До авионската несреќа во која пред 10 години загина тогашниот македонски претседател Борис Трајковски дошло поради седум системски грешки, кои меѓу другото, се поврзани со недоволната обученост на пилотите да управуваат со авионот во лоши временски услови какви што биле утрото кога македонската делегација требаше да слета во Мостар, рече Омер Кулиќ, презентирајќи го извештајот за причините за несреќата.
– Седум грешки една по друга направил екипажот при летањето. Полеталe пред седум часот од Скопје без да ги знаaт временските услови во Мостар, не направиле подготовка за слетување, ги занемариле информациите на контолорот дека облаците се ниски, при губење на навигацијата не го прекинале приодот туку го продолжиле, исклучувањето на автопилотот, почнале порано да ја намалуваат висината, како и тоа дека пилотот не ја одржувал пропишаната минимална висина бидејќи немал доволна обука за да го прави тоа – рече Кулиќ.
Тој додаде дека авионот се спуштил и под минималната дозволена висина, а требало да се пренасочи авионот и да слета на некој друг аеродром, во Дубровник или Сараево.
– Облачноста била на такво ниво што било невозможно пилотите да го видат аеродромот, а тоа го потврдува и откажувањето на летовите на претседателите на Србија и Хрватска кои требало да слетаат на истото место – рече претседателот на меѓународниот истражен тим, кој ги испитуваше причините поради кои владиниот „Кингер“ се урна на 26 февруари 2004 година во близината на Мостар, при при што загинаа уште девет лица покрај Трајковски.