Кукавичино јајце

by Фокус

Стратегијата на злоупотреба со деведесетина илјади бугарски пасоши на македонските граѓани и нивно прикажување како Бугари, плус доброволно „освестените“ од категоријата конвертити, ќе резултира Бугарите да бидат трета по големина национална заедница

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Опседнати со фетишот ЕУ, владејачката „зелена(шка)“ групировка и „државотворците“, по секоја цена, до последен здив, туркаат грст Бугараши во македонскиот Устав.

Новоприклучената „алијанса“, пак, во стилот на народната „Ти кажувам ќерко, сети се снао“, навестува можно „симнување на чизмите од таван“, ако бугарофилите не станат конституенти на државата!

Системот во колапс, вредностите изопачени, а подлизурковците во името и под превезот на светли перспективи, продаваат рогови за свеќи и формираат „проевропска коалиција“!

Конвертитскиот ментален склоп ја отсликува парадоксалната наивност, забеганост и фатализам.

НАИВНОСТ, ЗАБЕГАНОСТ, ФАТАЛИЗАМ

Наивност во инфантилното верување дека по уставните измени, веќе никој од ЕУ нема да ги есапи Бугарите ако се обидат пак да изнудуваат какви било отстапки.

Забеганост поради отелотворената крајно негативна, погубна и шалабајзерска конотација на поговорката за трите мајмуни со рацете на очите, ушите и на устата. Фатализам, затоа што не гледаат, не слушаат и не го кажуваат злото за она што се прави, говори и се планира!

Подметнување кукавичино јајце, од чие седало нема да се испили сокол, туку сматок од хибриден „македонски Бугарин“. Басната за волкот и јагнето е една од ретките што почнуваат со морална вредност, бидејќи покажува дека посилниот е во право. Како  може јагнето да му докаже на волкот дека му ја мати водата?

Перфидна, суптилна, византиска стапица за „ребугаризација“ на Македонија со ултимативно и апсурдно барање за внесување бугарско малцинство како конститутивен народ во Преамбулата на Уставот на држава, чиј народ, историја и јазик не ги признава.

Да бидат „дел од народ“ како нов конституент на македонската држава, кој ќе го пополни „празното место“ на „народот што не постои“.

Стратегијата на злоупотреба со деведесетина илјади бугарски пасоши на македонските граѓани и нивно прикажување како Бугари, плус доброволно „освестените“ од категоријата конвертити, ќе резултира Бугарите да бидат трета по големина национална заедница.

Дејтонизирањето со нивниот идентитет ќе значи редефинирање со ново трето конституирање на македонската држава од антифашистичка во фашистичка.

Фактичка операционализација на проектот на Ванчо Михајлов „Македонија – Швајцарија на Балканите“, во која има државотворни Бугари, Албанци, Турци, Срби, Власи, само нема Македонци.

Преведено, тоа значи формирање политички партии, балансер, гласање според Бадентеров принцип, вработување по квоти во државни институции, отворање образовни и културни установи, ревидирани учебници, национални медиуми… и нови, нови и нови барања до бесвест.

„ДРЖАВНИКОТ“ И „НОБЕЛОВЕЦОТ“

Всушност, претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, фројдовски го навести постоењето на идејата за создавање северномакедонска нација. Уставните измени се еден од приоритетните врвни евроатлантистички проекти, кој не дозволува легитимација на македонизмот!

По добивањето на самостојноста пред 32 години, Република Македонија се конституира како национална држава на македонскиот народ, во која е обезбедена целосна рамноправност на другите националности. Тоа значеше дека, согласно документите на АСНОМ, конституент на самостојната држава беше македонскиот народ.

Десетина години подоцна, со амандманите на Рамковниот договор, Македонија веќе не е национална држава, туку се конституира како држава со „делови од народи“.

Фактички, по вторпат, се конституира нова македонска држава со амбивалентна демократија, заснована на национални проценти со т.н. Бадинтерово мнозинство.

Според Преамбулата, конституенти на македонската држава станаа и деловите од народите, кои се бореле за создавање суверена и самостојна држава Македонија.

Внесувањето на грст од 3.504 Бугари или 0,2 отсто од целокупното население, претежно бугарофили, односно Бугараши, колку што се изјасниле на последниот попис, претставува ново, трето конституирање на државата.

Со конституент, кој, не само што не учествувал во создавањето самостојна Македонија, туку се борел против неа како фашистички окупатор.

Од секоја врба не бидува свирче! Од оној фамозен 15 септември 2002, кога „државникот“ Бранко Црвенковски даде завет дека народот ќе ја земе судбината во свои раце, па до историскиот 1 август 2017, кога „нобеловецот“ Зоран Заев со фаталниот Договор за заедничка историја ја докусури перспективата на Македонија.

Нема лезет и кога, по некое чудо, повторно на тацна би се добила нова спастрена држава со сите нишани. За неколку години, токмаците пак ќе ја растурат!

Поврзани новости