Последната ноќ на претседателот Борис Трајковски

by fokus

На денешен ден се навршуваат 19 години од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој го загуби животот во авионска несреќа заедно со членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Роден во Струмица, во среќен брак со Вилма со која ги добија децата Сара, родена во 1988 година и синот Стефан роден во 1992 година, тој го загуби животот на 48-годишна возраст.

За неговата последна ноќ, пред да замине на кобното патување во Мостар, пред повеќе години за весникот Нова Македонија раскажа сопругата Вилма.

-Ноќта во средата, ноќта пред утрото предвидено за полетување за Мостар, остана на работа до 22.30 часот. Кога си дојде дома, децата веќе спиеја. Тој речиси до полноќ разговараше по телефон. Не знам колку беше часот кога Сара се разбуди и се симна долу.
Таа вели дека засекогаш ќе ја помни последната слика на татко си: тој во бела кошула и вратоврска седи крај масичката со телефонот и разговара. Таа поминала крај него, зела мраз од фрижидерот, а тој ја погледнал чашата, за миг го прекинал разговорот, велејќи и да не зема толку мраз, зашто ќе ја фати грлото. Беше навистина многу грижлив татко, благороден и тивок човек.

Малку подоцна, кога Борис веќе го имаше завршено разговорот, Сара уште еднаш се симна долу во салонот – го гушна татко си, го погледна и му рече: „Тато, ти многу се промени; ми изгледаш остарено“. Борис ме погледна мене, како да сакаше да каже: „Зарем навистина сум остарен?“. Имаше само 48 години. Сара и сега многу тагува; не може да сфати зошто му го кажала токму тоа и токму во последната ноќ од неговиот живот- се сеќаваше неговата сопруга.

Таа тогаш откри дека првично било планирано да замине со него во Мостар, но во последен момент го откажала патувањето.

-Имаше план во Мостар да патувам и јас. Со Богиќ Богиќевиќ сме семејни пријатели. Борис ми кажа дека тој прашувал дали ќе одам и јас во Мостар, за да дојде и тој со сопругата од Сараево, да се видиме.
Јас го откажав патувањето поради обврските дома, но и најмногу затоа што беше предвиден само еден ден престој во Мостар и не се одеше во Сараево, па и не сакав да ги малтретирам Богиќ и неговата сопруга да патуваат по тоа невреме од Сараево до Мостар-раскажа во интервјуто за Нова Македонија поранешната прва дама на Македонија.

Вилма Трајковска денес живее повлечен живот и во јавност може да се види на годишнините од смртта на сопругот.
Нивната ќерка Сара веќе подолг период живее во Америка и има профили на социјалните мрежи, додека од синот Стефан може единствено да се видат фотографиите кои Сара повремено ги објавува на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости