Во детската градинка „Детска радост” во Гевгелија денеска ќе се спроведе вонреден инспекциски надзор, со што ќе се утврди фактичката состојбата за настанот кој вчера ја вознемири јавноста.
Имено, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова на прес конференција информираше дека таму имало брутално насилство врз десет-месечно бебе, а директорката на градинката Елизабета Стефановска се обидела да го скрие случајот. Од друга страна пак, од градинката излегоа со соопштение дека не станува збор за насилство и тешки телесни повреди, туку при детска игра во клон „Цветови“ едно од децата добило гребаници.
Градинката од Гевгелија и пред четири години се најде во вниманието на јавноста поради немил настан, односно откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се слуша неутешен детски плач, а негувателката го нарекува детето со погрдни зборови – краво една, кучко… Тогаш во градинката беа испратени инспектори од Министерството за труд и социјална политика, а по извршениот инспекциски надзор од МТСП, раководството на градинката ја утврдило фактичката состојба при што констатирало дека вработената ги пречекорила своите овластувања.
Против неа беше покрената дисциплинска постапка, а од градинката тврдеа дека станува збор за вербален испад без било каков физички контакт со детето. Дали негувателката и денес работи во градинката, нема информации, но настанот покрена низа на прашања околу тоа каква нега и грижа добиваат најмалите во јавните институции. Според тогашните статистики на МТСП, биле регистрирани 11 слични случаи низ државата.
Вики Клинчарова