Кржаловски: Не очекувам пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се согласат да гласааат за уставните промени

by fokus

Александар Кржаловски извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), вели дека резултатите од референдумот, како и на повеќето последни избори, за жал се длабоко поларизирачки.

Според него, бидејќи законскиот услов за цензус не е постигнат, тоа претставува силен аргумент на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

– Од друга страна, бројката од над 600.000 гласови „За“ дава силен легитимитет на владејачката коалиција, иако не може да се тврди дали се повеќе тие што се „за“ договорот или тие што се „против“ (вклучувајќи ги и тие што бојкотирале) – реално е прилично изедначено околу бројката од 600.000 и за едната и за другата опција.

Кржаловски вели дека тоа отвора можност за барем три сценарија.

– Прво, на лидерска средба Заев-Мицкоски да се договори поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за уставните промени, со тоа што би имало сериозни концесии во однос на барањата на ВМРО-ДПМНЕ, што според мене не е многу веројатно да се случи. Втората опција би била, да се направи обид да се придобијат или убедат десетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени. Ова не е толку невозможно и доколку кампот „За“ се реши за таква постапка, (ќе) има време да се влијае на поединечните пратеници и евентуално да се стигне до потребниот број од 81 пратеник на денот на гласањето. Сепак, мое очекување е дека тоа нема да се случи. Ако е таква процената оваа недела и во владејачката коалиција, тогаш се чини е неминовно третото сценарио – предвремени парламентарни избори веднаш, односно би се распишале уште до крајот на оваа недела или најдоцна идната и би се спровеле до крајот на ноември, оцени Кржаловски за МИА.

Тој не сака да шпекулира за можниот исход на таквите избори, но посочува, како што вели, со жалење, колку е штетна и непродуктивна неспособноста за постигнување внатрешен договор или компромис, особено меѓу двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

– Заради тоа се стигна до полош договор со Грција отколку што можеше, потоа не се усогласи ниту пристапот кон референдумот и самото референдумско прашање, па сето тоа резултираше во уште подлабока поларизација и понатамошно блокирање на процесите, која веројатно нема да ја решат ни нови избори (освен ако сегашната владина коалиција не постигне притоа дво-третинско мнозинство, или ВМРО-ДПМНЕ не освои најмалку 61 пратеник… што според мене, не е многу веројатно во двата случаи), Кржаловски.

Нано Ружин, ректор на ФОН, дипломат, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, во изјава за МИА коментирајќи го резултатот од референдумот и во врска со тоа дали е пореално да се усвојат уставни измени во Парламентот или предвремени избори, вели дека најпосакувано во моментов и од страна на меѓународната заедница и од страна на јавното мислење во Република Македонија да нема предвремени избори и епилогот да биде пронајден во двотретинското мнозинство во Парламентот.

– Меѓутоа, знаејќи го менталитетот на нашите политичари, според она на античката трагедија „ако треба да ќе спротивставам на посилните дури и по цена да загинам“, мислам дека е можно сепак да се ефектуираат предвремени парламентарни избори, иако единствено надеж ни дава нерешителноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој не беше така одлучен кога кажа дека ќе биде за предвремени парламентарни избори, бидејќи постои страв ВМРО-ДПМНЕ да доживее еден дебакл, оцени Ружин за МИА.

Според него шансите за предвремени избори или за уставни измени се 50-50, но сепак е оптимист дека ќе се најде солуција во Собранието.

– Сметам дека со еден заеднички договор меѓу политичките партии, со асистенцијата на меѓународната заедница, мислам дека може да се случи да се најде решение, рече Нано Ружин за МИА.

Поврзани новости