Крушевскиот градоначалник кон ОК ВМРО-ДПМНЕ: Вратете ги теписоните и миксетите!

by fokus

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски, упати силни критики кон ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево, велејќи да се вратат работите, за кои што вели, најверојатно се украдени од опозициската партија.

„Ве замолувам вратете ги најпрво работите што ги имате земено да не речам украдено од по институциите како миксети, звучници, појачала и микрофони, теписони и други материјално технички сретства, тие се на граѓаните, не се за да ви служат по приватни или партиски прослави на кои си го вежбате говорот, па потоа држете прес конференции.

Говорот се вежба и без нив пред камери или директно на соочување со граѓаните, ако сте вистински глумци-патриоти, за да после полемизираме кој што направил или не направил на општинско ниво.

Ве повикувам да се приклучите и да придонесете за преобразбата на цела општина Крушево која во изминатиот период беше запоставена или се градело нерамномерно, нетранспарентно, безидејно, само во Ваш интерес, еден од многуте примери е три пати правење или реконструкција на паркот во парк.

Додека се криевте по канцеларии, не им кревавте телефони и бегавте по наводни службени патувања надвор од Крушево без никакви повратни резултати и ефекти запрашајте ги граѓаните на нивниот прием, отвореноста и нашето возвраќање кон нив.

Да ви појаснам дека Во моментов во нашата општина се инвестираат или се во тек да се имплементираат проекти во изност од над 2 милиони евра што значат живот и потреба на граѓаните. Тоа се значајни инфраструктурни и приоритетни проекти: водоводи, канализации, патишта, комплетна реконструкција на спортска сала, реконструкција на горна училишна зграда, замена на улично осветлување или поставени се нови 520 улични места, саниравме и реконструкции на улици, танпониравме до земјоделско обработливо земјиште по сите населени места во должина над 3км, исчистивме одводни канали во должина од 7км, набавивме 8 возила без задолжување на општината, меѓу кои возило за смет, за чистење на снег, против пожарно возило, нова комплет опрема за пожарникари, нова вештачка трева на полетиштето за параглајдери, летната сцена, воопшто ,,Гумење” и многу други културни, музички и спортски настани кои претходно беа занемарени или не се одржуваа како што после 11 години пауза се одржуваат ридско брзинските трки, што придонесуваат за привлекување на се повеќе туристи. Да не заборавиме за долгот од 13 милиони кој е во целост вратен за година и пол.

Но тука не застануваме!

Во периодот што следи ќе се имплементираат уште најмалку два пати повеќе од сега, граѓаните оправдано беа резервирани или оправдано реагираа затоа што ништо не се правело во нивни интерес, за разлика од сега кога се гради напоредно како во градот така и во сите населени места од општината.

Крушево меѓу другото стана Супер бренд општина која за прв пат некоја општина во нашата држава добила таква награда и е една од најпосакуваните топ дестинации за посета објавена на Национална Географија, за да во моментов се одржува Светско првенство во параглајдерство, на кое му претходеа повеќе меѓународни државни првенства како што беше англиското, чешкото, словачкото, нордик опен и десеттина други по што Крушево само во една година има 50% повеќе ноќевања или 70% повеќе туристи за разлика од 2017година.
Мојата општина е Крушево, се посветив искрено и без скриени намери, затоа и повикувам на сплотеност и свој допринос од сите.

Крушево од општина која беше буквално на колена, стана препознатлива и посакувана туристичка дестинација во сите четири сезони, Крушево е раздвижено како никогаш до сега.

Крушево се сака со срце и душа!
Чесно, одговорно и посветено продолжуваме да ја водиме општината во интерес на моите сограѓани“, истакна Христоски.

Поврзани новости