Голем дел од културните и спортските манифестации кои требаше да се одржат во Крушево, нема да го дочекаат светлото на денот. Корона вирусот ги измести сите термини, а странски туристи во наредниот период тешко и да се очекуваат.
Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски во изјава за „Фокус“ вели дека заедно со неговиот тим ќе работат на привлекување на домашните туристи.
„Започнавме со промоција на туризмот за домашните посетители, насловена како „Дома си е дома“. Крушево е град кој нуди многу убави места, доживувања, па верувам дека летната сезона нема да ја прогласиме целосно за загубена“, ни рече Христоски.
Иако се очекуваше стивнување на пандемијата, сепак, тоа оди мошне бавно и сите се уште апелираат на внимателност. Но, дали е можно одложување на прославата за празникот Илинден во месец август?
„Без оглед на се, ние ќе го прославиме големиот празник Илинден достоинствено согласно препораките, тоа е традиција, но и државност. Во својата историја сите народи имаат свои јубилеи на настани и личности кои оставиле траги во нивниот историски развој. Илинденското востание е редок јубилеј за македонскиот народ, за Македонија како држава и за сите нејзини граѓани, темел на државата и државноста“, го заврши разговорот Христоски.
Крушево имаше регистрирани три случаи на корона вирус, од кои едната жена почина, додека пак сопружниците ја победија болеста.
Јорданчо Цветаноски