Пишува х. Сулејман еф. Реџепи
Кога пред неколку години, оној Бервик измасакрира стотина млади луѓе во Осло, низ Европа тргна приказната за тоа колку се опасни идеите на европското десничарско милје. Некои го нарекуваа убиецот „фундаментален христијанин“ бидејќи се декларирал како христијанин, други, пак, велеа дека тој е само – луд. И Бервик си остана луд. Но, остана да тлее и сомнежот дали ќе беше луд Бервик ако се викаше Хамза или Хасан.
И тогаш мислев, а мислам и денес, дека под поимот „христијански фундаментализам“ се подразбираат струењата во христијанството, кои инсистираат на дословното почитување на Библијата како Божје слово. Познато ми е дека одредени протестантски заедници низ Европа и Северна Америка, како и некои мисионерски цркви низ Јужна Америка и Африка се дистанцираат од другите друштвени и верски групации, а познато ми е и дека такви струења постојат и во католицизмот и во православието.
Се подразбира дека нема ништо лошо во тоа што некои луѓе сакаат да живеат според библиските или куранските принципи, макар и да се нарекуваат „фундаменталисти“. Проблемот настанува кога луѓето што се сметаат себеси како „вистински верници и избрана елита“, застрануваат во фанатизам. Тогаш се поставува знак на равенка меѓу исламските и христијанските фанатици бидејќи фанатизмот нема врска со која било вера.
Што означуваат крстовите низ Македонија
Не сум љубител на пребројувања, било да се тие етнички, расни или верски затоа што се раководам по принципот на рамноправност, по принципот што вели дека никој не е порамноправен од некој друг. Јас Македонија ја доживувам како лаичка држава и сакам таа да остане таква. А во лаичките држави, нели, верата е одвоена од државата и од политиката.
Меѓутоа, деновиве, нашата јавност ја разбранува политичката одлука на општинските власти во Бутел да подигнат крст што ќе бил висок педесет и пет метри. Веројатно, за да не заостане оваа општина зад Водно, Аеродром и останатите крстоносни општини низ Скопје и Македонија. Внимавајте, одлуката ја носи општината во која речиси половина жители се муслимани. Нормално, и парите за изградба на крстот се општински. Аферим бре, крстоносци. Што друго да им кажеш на таквите општинари и на власта што немо ги гледа ваквите провокативни случувања, кои многу лесно можат да предизвикаат синџир на немири и да ја вжештат, и така никаквата ни политичка ситуација во државата.
Да, да, свесен сум дека дежурните чувари на македонштината и на православието како Тодор Петров и компанијата ќе го извлечат од ракав адутот со двоглавиот орел во Чаир. Ама, не разбирам каква врска имаат еден национален и еден верски симбол. Претпоставувам дека ако веќе некој бара танте за кикирик, на двоглавиот орел треба од карши да му го постави лавчето. Убеден сум дека тогаш и јавноста ќе беше посмирена. Вака, врие и допрва може да зоврие. А сѐ поради луѓе што, во неможност да се справат со објективните проблеми на граѓаните, ја користат верата и нејзините симболи како монета за подкусурување.
Ќе возврати ли минарето?
На раскараната Македонија што постојано се обидуваат да ја задржат во нормала странски преговарачи и олеснувачи, на шашардисаната држава што носи закони за амнестирање на педофили и манипулатори на избори, ѝ фалеа само големи крстови. „Цело е кога има сѐ“, па и нашата глупост еве ја се дооформува. Пред наши очи, Скопје веќе одамна стана експериментална оаза на политичките кич мајстори и нивните пандани залутани во архитектурата и уметноста. Сега, од него ќе се прави Ерусалим и Ватикан, само што таму нема толкави крстови како нашиве.
Луѓе бре, аман. Зар навистина мислите дека Македонците ќе станат поголеми и подобри христијани ако имаат големи крстови насекаде низ градот, зар верата ќе им биде поцврста и љубовта кон Бога поискрена? И зар навистина верувате дека Македонија ќе стане поправославна ако ги дискриминирате припадниците на Исламот и на другите вери?
Не бре, луѓе. На тој начин само си играте со иднината на земјата и на вашите деца, го провоцирате трпението на останатите и ја јакнете нивната вера. Со големите крстови ја покажувате својата минорност, создавате за себе слика што не би сакале да ја погледнете, се претворате во верски фанатици, а најголем дел од вас ниту знаат да се прекрстат како што треба.
Освестете се, луѓе. Македонија е раскрсница меѓу ориентот и оксидентот, тука се вкрстуваат исламот и христијанството, источната и западната цивилизација. Зар тие прекрасни Божји дарови и вредности сакате да ги уништите поради нечии болни идеи? Не верувам дека такво нешто сакате. Не верувам дека големиот крст што сте се намерачиле да го подигнете во Бутел ќе ве усреќи, напротив.
Инаку, слушнав, веднаш по одлуката на Општина Бутел или кој друг да ја донел таа одлука за поставување на крстот, група бизнисмени муслимани презеле иницијатива да подигнат на врвот на Гази Баба или евентуално на Љуботен едно минаре трипати повисоко од крстот во Бутел. „Алаху Семоќен, моќта Твоја е безгранична, а ние сме толку мали и толку немоќни. Прифати ја нашата верба и нашата љубов, не нашата неодмереност…“, си реков во себе.
Ќе му возврати ли минарето на крстот? Не би сакал тоа да се случи бидејќи местото на минарето е строго одредено да стои до џамијата и од него да се повикува на намаз, на молитви што се упатуваат и посветуваат единствено на Творецот и на никој друг, освен Hего. А и местото на крстовите е над црквите и манастирите, а не по тротоари и кружни текови.