Сопственикот на порталот „Нетпрес“, кој вчера беше пронајден мртов во својот стан, бил сведок на Специјалното јавно обвинителство, информираат денеска од СЈО. Тие додаваат дека имаат докази дека врз нивниот сведок бил вршен притисок од други страни.
-Ве известуваме дека лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач, се вели во соопштението на СЈО.
Од СЈО потенцираат дека никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице и од тие причини за нив нејасна е одлуката на Претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице. Специјалното обвинителство се уште чека одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на Претседателот на Република Македонија дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.