Граѓаните нема да ги плаќаат искршените комјутери, туку штетата ќе си ја плати пратеникот од Левица, Борис Крмов, кажа собранискиот спикер, Талат Џафери.
-Ние сме вработени во Собранието и ние сме одговорни за имотот и за инвентарот внатре. Вие смеете да кршите таму кај што работите? Не. Исто е и во Собранието. Ќе се формира комисија за утврдување на материјалната штета, сметката ќе оди кај тој што ја причинил. Не може граѓаните да ги плаќаат искршените компјутери. Пратеникот има имунитет само за кажаното на собраниската говорница. Чекор од говорницата и околу неа, нема имунитет за тоа што го прави и сакам во оваа прилика да потсетам, рече Џафери.
Крмов денеска искрши монитори и фрлаше со листови кон потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, затоа што на партијата не и беа прифатени повеќето од 2000 мандати за новиот Деловник. Сепак, вечерва новиот Деловник беше изгласан од мнозинството пратеници.