Одлука за кризна состојба на дел од територијата на Северна Македонија донесе Владата на денешната седница, поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ земјава.
Одлуката е донесена откако Владата ја разгледала информацијата од шестата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи, одржана на 26 јуни 2020 година.
Кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули. Со тоа, како што соопштија од Владата, се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
-Со оваа одлука, Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно со прописите за управување со кризи, соопштија од Влада.
На предлог на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со предлог – национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца).