Како резултат на поројните дождови, предизвикани се поплави на повеќе локации, како што е клучката кај Хотел Континентал, подвозникот на булевар „Србија“, дел од булеварот „Кочо Рацин“, подвозникот кон Црниче, додека на Обиколницата околу Скопје беа заглавени поголем број на возила. Најголемите поплави и штети се случија во повеќе населени места во општините Гази Баба и Арачиново, каде како најпогодени се местата Стајковци, Сингилиќ, Виниче, Смилковци, соопштуваат од Кризниот штаб за заштита и спасување на Град Скопје.
Оттаму велат дека сите екипи на Штабот веднаш интервенирале на терен во насока на оспособување на сообраќајниците каде се појавија поплавувања, отстранување на сите пречки, како и спасување на лица и возила кои беа зафатени на поплавените улици.
-На терен делуваа цистерни на ЈП „Водовод и канализација“ кои со возила и механизација работеа на испумпување на водите од поплавените улици, во што се приклучија и екипи на Противпожарната бригада на Скопје со поголем број на возила опремени со моќни пумпи за испумпување вода. Екипите на ЈП „Паркови и зеленила“ на терен интервенираа на поголем број на локации за расчистување на теренот од паднати дрвја и гранки. Екипите на ЈП „Градски Паркинг“ на терен интервенираа со 7 возила-пајаци за вадење на заглавени возила во поплавените локации, каде во текот на ноќта интервенираа на повеќе од 40 локации – се наведува во соопштението од Кризниот штаб.
Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека сите институции од почетокот на оваа непогода се во постојана активност во борба со оваа природна стихија.
– Припадниците на МВР специјалните единици, припадниците на АРМ, ДЗС, општините, Градот Скопје, противпожарната бригада, Министерството за здравство преку преку итна помош се обидуваат да им помогнат на граѓаните. Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато, беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животозагрозувачка ситуација. Институциите помогнаа оваа катастрофа да не поголема – рече Тодоров.