Според проекциите на Народната банка на Македонија, во 2016 година македонската економија ќе порасне за 4,1 отсто. Но, политичката криза може да ја загрози оваа проекција.
-Секако дека пролонгирањето на случувањата на политичката сцена и нивното евентуално ескалирање би имале негативни ефекти. Овие проекции се основно макроекономско сценарио. Доколку се случи нешто такво, има ризик проекциите од ова сценарио да одат надолу, изјави Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов.
Тој рече дека за граѓаните да ги почувствуваат ефектите од економскиот раст, тој треба да биде на подолг период. Дотогаш, економскиот раст ќе биде само статистичко подобрување на бројките.
-Кога има економски раст, колку и да е нерамномерна распределбата, бенефитите на крај, некој повеќе, некој помалку, ќе ги почувствуваат сите. Ако имаме економски раст во еден подолг период, бенефитите секако дека ќе дојдат и до последниот граѓанин, рече Богов.