Кривичниот суд го извести обвинителството дека Заев не се јавува во суд, тие ќе решат дали ќе бараат притвор

by Фокус

Од Основниот суд Скопје 1 преку соопштение за јавноста информираат дека во текот на вчерашниот ден го известиле Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција дела лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не ја почитува превентивната мерка, односно не се пријавува еднаш неделно пред надлежниот суд во Струмица. Сега обвинителството треба да реши дали ќе побара друга мерка за обезбедување на Заев, на пример, дали ќе побара притвор.

„Постапувајќи по барање на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој Суд, од страна на Основен суд Струмица доставено е известување на 30.07.2015 година во кое е наведено дека обвинетиот З.З. на 13.07.2015, 20.07.2015 и 27.07.2015 година не се појавил во просториите на Судот во Струмица, ниту го оправдал неговото недоаѓање“, се вели во соопштението на судот.

Од Кривичниот суд додаваат дека Судот во Струмица на нивно барање му испратил покана на обвинетиот да се јави во Судот на ден 04.08.2015 година, за да даде изјава. Заев ја испочитувал поканата и се појавил во судот во Струмица. Таму уште еднаш образложил зошто нема да присуствува на судењето за случајот „Пуч“ и зошто не ја почитува превентивната мерка.

„Точно е дека имав задолжение да се јавувам секој понеделник во овој суд по решение IV КОК-ПП 52/15-4 од 21.01.2015 година по тоа решение уредно се јавував во Основен суд Струмица се до 06.07.2015 година која јавно ја известив јавноста преку прес конференција за понатамошно непочитување на мерката задолжително јавување секој понеделник во Судот од причини кои што и тогаш јавно ги посочив и сега ги потврдувам, а се однесуваат на политичкото одлучување во судската постапка „Пуч“ – насилство врз претставници на високи државни органи. Инаку и понатаму останувам на таа изјава за непочитување на мерката на претпазливост, меѓутоа напоменувам на органите на прогонот во секој момент сум достапен, не мислам да се дадам во бегство и натаму останувам во Македонија и тоа на подрачјето на Општина Струмица и Општина Скопје. Тоа е се што имам да кажам“, рекол Заев во записникот.

Поврзани новости