Аудио записите од прислушуваните разговори може да се користат како доказ во предметната кривична постапка во случајот „Триста“, откако Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство. Со ова, Кривичниот совет ја преиначи одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која што истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин.
-По одржана седница на 18.09.2017 година, а во врска со предметот познат во јавноста како „Триста“, оформен по поднесен обвинителен акт против обвинетиот Ѓ.П. од С, донесе одлука со која ја уважи жалбата наЈавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје и го преиначи обжаленото решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Апелациониот суд Скопје со својата одлука мериторно одлучи и го одби предлогот на обвинетиот Ѓ.П. од С. содржан во неговиот приговор поднесен против обвинителниот акт, од списите на предметот да се издвои аудио запис од телефонски контакт, како доказ прибавен на незаконит начин, со образложение дека наведениот доказ – аудио запис од телефонски контакт претставува доказ прибавен на законит начин и како таков може да се користи како доказ во предметната кривична постапка, со што е преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин“, се вели во соопштението.