Државната комисија за спречување на корупцијата ја испратило кривичната пријава за пратеникот Хусни Исмаили до Обвинителството, кого Алтернатива го предложи за иден потрпетседател на Собранието.
Обвинителството пак веќе отворило постапка за Исмаили кој е предложен од партијата којашто е нов коалиционен партнер во Владата, а беше и министер за култура.
-Пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е пристигната кон крајот на минатата недела и веднаш е распределена кај надлежен обвинител, велат од Обвинителството за Фокус.
Антикорупциска во ноември поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Исмаили кој беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.
Се сомневаат дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Договорите и анекс договорите, според Антикорупциска, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиските средства за проекти од национален интерес во областа на културата.
Постапката на Исмаили беше отворена во време кога пратениците од Алтернатива беа клучен фактор за тоа кој ќе формира мнозинство во Собранието. Исмаили, тогаш во изјава за Фокус изрази сомнеж за мотивите на антикорупционерите.
Овој предлог на Алтернатива треба да биде изгласан во Собранието, а Исмаили како пратеник има и имунитет.
Ф.Ф.С.
Потпретседателот на Собранието на Алтернатива има предлог за кривично гонење