Против поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Орце Цветковски, е поднесена кривична пријава. МВР го сомничи 55-годишниот Цветковски дека во постапките за легализација на дивоградби ги злоупотребил своите овластувања во период од септември 2015-та година, до март 2017-та година.
„Пријавениот, како градоначалник на општина Лозово, во пет постапки за утврдување на правен статус на бесправни објекти, и покрај тоа што знаел дека објектите не претставуваат градежна и функционална целина, донел пет решенија за утврдување на правен статус на бесправен објект со што им овозможил на сопствениците на објектите, да се стекнат со правен основ за запишување на правото на сопственост на објектите во Агенцијата за катастар на недвижности Свети Николе, односно во јавната книга за запишување на правата на недвижностите“, велат од полицијата.
Инаку, во време на Цветковски, Општина Лозово донесе одлука по 10.000 денари да им бидат доделувани на ергените и на немажените девојки кои ќе одлучат да стапат во брак. Целта на ваквата одлука беше да се мотивира стапувањето во брачна заедница. Одлуката ја поддржа и бизнисменот Благој Механџиски кој се заложи да им понуди можност за вработување, 50.000 денари како помош за опремување на домашна бања и 50 литри ракија и 100 литри вино на брачната веселба.