Кривична за градоначалникот на Петровец и уште седум лица за перење пари

by Fokus

Управата за финансиска полиција до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против пет физички и три правни лица за злоупотреба на службената положба, перење пари и злоупотреба на постапка за јавни набавки во општина Петровец.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, информираше дека до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднеле кривични пријави против пет физички и три правни лица.

– Првопријавениот, одговорно лице во општина Петровец, градоначалник од 2009 година до денеска. Второпријавениот, во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје и правниот субјект „Леома транс“ ДОО Скопје. Третопријавенот во својство на инжeнер на надзор, четвртопријавенот во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ-БА“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чолак топ“ ДОО Батиници и петопријавениот, во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје, појасни Муареми.

Против овие лица, посочи Муареми, постојат основи за сторени кривичи дела за „злоупотреба на службената положба и должност“, „поттикнување злоупотреба на службената положба“, „злоупотреба на постапка за јавно приватно партнерство“, „помагање“ и „перење пари и други приноси“.

– Првопријавениот во својство на одговорно лице во општина Петровец, во соработка со третопријавениот, во својство на лице ангажирано за надзор, поттикнати од второпријавениот во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ и правниот субјект „Леома транс“, кој воедно е и во роднинска врска, брат на првопријавениот, во периодот од 2012 до 2018 година, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што, првопријавениот во име на Општина Петровец извршил плаќање на 24 фиктивни фактури, во вкупен износ од над 31 милион денари, издадени од правниот субјект „Аце транс компани” и „Леома транс“ за наводно изградени градежни работи и утовар и истовар на градежен шут, по претходно склучени повеќе договори за јавни набавки. Иако, првопријавениот бил свесен и знаел дека наведените работи во предметните фактури не биле извршени, а третопријавениот во својство на надзор таквите фиктивни фактури ги заверил со свој потпис и печат, со што пријавените предизвикале штета на буџетот на општина Петровец во износ од 31,845 милиони денари, појасни Муареми.

Второпријавениот, појасни Муареми, иако бил свесен дека работите наведени во фактурите издадени кон општината не биле извршени, односно бил свесен дека се работи за фиктивни фактури, а со цел да го покрие потеклото на стекнатите парични средства, дел од наплатените парични средства во висина од 7,5 милиони денари ги искористил за купување на возила и градежна механизација во име и за потребите на пријавениот субјект, а дел во износ од 7,5 милиони денари врз основа на фиктивни фактури издадени до правните субјекти „СМ-БА“ ДОО и „Чолак топ“ ДОО ги префрлил на нивни сметки, од каде четвртопријавеното физичко лице, веднаш и во целост ги подигнал во готово.

-Петопријавеното физичко лице, во својство на сопственик и управител на „Аце транс компани“, по претходни усни инструкции од третопријавениот, во својство на вистински сопственик на правниот субјект, поднел понуда во постапка за јавна набавка број 21/13 во прилог на која доставил и изјава за располагање со техничка опрема со невистинита содржина, а врз основа на таква лажна изјава „Аце транс компани“ се стекнал со право за учество во постапката за јавна набавка, бил избран за најповолен понудувач и склучил договор за јавна набавка со Општина Петровец во износ од над 33 милиони денари, без да располага со бараната механизација. На тој начин „Аце транс компани“ се стекнал со корист во вкупен износ од 32,673 милиони денари, изјави Муареми.

Поврзани новости