Ќе ширам љубов на изборите, оти Звонко го знам од дете и ја знам неговата вредност!

by Fokus

Нека овие избори бидат крај на црно-белиот свет, на валканите предизборни кампањи, на ривалството помеѓу кандидатите од спротивните табори. Да започнеме да шириме љубов, да го гледаме својот противкандидат како човек кој си има свои вредности, семејство, живот – за ,,Фокус” раскажува маестро Горан Алачки, кој е кандидат за градоначалник на Општина Берово од Интегра.

Негов противкандидат од редовите на СДСМ е актуелниот градоначалник Звонко Пекевски, за кого Алачки вели дека го знае уште од дете, и нивната меѓусебна почит и пријателство не можат да згаснат поради политика.

-Со Звонко семејно сме поврзани многу одамна, го знам од раѓање. Неговиот чичко Славчо, исто како и мојот татко беше воено лице во времето на Југославија, имаме премногу спомени од тоа време. Јас од неговиот чичко кој беше одличен познавач на етно мелосот од Малешевијата научив многу, таа семејна почит која се негува со генерации не може да биде засенета од ниту една политичка кампања. И со Звонко сме имале многу соработки, ме поддржал во организацијата на низа на културни настани во Берово, пред некој ден исто така се дружевме, за време на снимањето на мојот нов проект, химна за Берово во рок стил – раскажува хармоникашот и кандидат за градоначалник.

Вели дека му остануваат уште неколку години до пензионирање, се остварил како личност и уметник, и не трча по кариера или слава, туку сака брендот кој го создал од своето име ширум светот, да го искористи за да го подобри животот во Малешевијата.

-Многумина ме прашаа зошто се решив на овој чекор, да бидам надпартиски кандидат за градоначалник, некои дури и прашуваат зошто не се држам до хармониката. Би им порачал на сите дека јас сум човек кој сака да шири љубов, на кого му е смачен овој црно-бел свет, овие поделби на наши и ваши, овој живот со кој се борат нашите луѓе, со секојдневни партиски етикетирања.

Имам менаџерски способности, имам контакти низ цел свет и верувам дека ќе можам да ја наполнам општинската каса и да им донесам радост на луѓето. Сите се уморни од партиските вработувања, од таа практика да се става партиската книшка пред работната способност и квалификација. И токму тоа е она за кое би се залагал, да се вреднува човекот, а не политичката определба.

Минливо е сето тоа, зад нас треба да оставиме вреден траг, да бидеме спомнувани по добро, по обединување на раскараниот народ. И токму тоа сакам да го покажам, дека јас и Звонко сме луѓе кои се почитуваат и покрај тоа што за време на изборите стоиме на различни страни и сме противкандидати. Од мене никогаш нема да се слушне лош збор за него, верувам дека и тој ја негува истата почит кон мене. Ќе покажеме на дело како треба да изгледаат кампањите, во кои најважен е народот и неговото добро и просперитетна иднина – вели Алачки.

Покрај него и Пекевски, кандидати за градоначалници на Берово се и Елеонора Рашковска од ВМРО ДПМНЕ со коалицијата и Горанчо Костевски од Родина Македонија.

Алачки е еден од неколкуте музичари, односно актери, кој е кандидат за јавен функционер на претстојните избори. Бени Шаќири, Петар Георгиевски – Камиказа, Димитар Андоновски, Кристина Палија, Зоран Љутков, Роберт Велјановски се дел од кандидатите за градоначалници, односно советници, а исто така на листите се најдоа и имиња на повеќе спортисти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости