Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Д.С.(45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“, соопшти МВР.
Пријавената, во текот на минатата година, во својство на службено лице – самостоен референт за студентски прашања на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје – Економски факултет Скопје, од шест студенти запишани на втор циклус на студии на Економскиот факултет неовластено побарала и примила парични средства на рака, на име уплата за промена од стара во нова студиска програма, како и на име продолжување на временскиот рок за изработка на магистерски труд, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 120.000 денари.
Д.С. им ветила дека во нивно име ќе ги уплати паричните средства на трансакциската сметка на Економскиот факултет – Скопје, искористувајќи го фактот дека временскиот рок за уплата истекувал, изготвила шест уплатници со невистинита содржина, во кои лажно прикажала дека паричните средства примени поединечно од секој студент се уплатени на сметката на факултетот и така изготвените лажни уплатници им ги презентирала на оштетените студенти како доказ за наводно извршена уплата, по што ги приложила во нивните студентски досиеа.
Полициски службеници извршиле проверки на Економскиот факултет Скопје, од каде што е обезбедена целокупната документација за случајот, по што биле извршени разговори со оштетените и пријавената, стои во соопштението.