Струмичката полиција поднесе кривична пријава против пратеникот Борче Цветков од СДСМ, кого го товари дека ја злоупотребил службената положба и овластување додека бил директор на струмичкиот затвор.
Цветков пак вели дека за кривичната дознал од медиумите и оти никој не го повикал на распит. На случајот гледа како на политички притисок, со оглед на тоа што е пратеник и претседател на општинската организација на СДСМ во Струмица.
Според полицијата, Цветков од 2021 до 2023 година им наредувал и им се заканувал на затворските полицајци да пуштаат тројца затвореници да излегуваат од затворот, иако не им следувал излез.
„Тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот“, стои во соопштението на МВР.
Цветков негира дека давал такви наредби или им се заканувал на вработени во затворот.
-Ако имало закани, требало уште тогаш да ги пријават – вели тој.