СВР Охрид денеска поднесе кривична против градоначалникот на Струга, Зијадин Села, поради сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување, соопшти МВР. Освен против Села, кривичната пријава е против уште три други лица.
Според МВР, првопријавениот З.С. во својство на градоначалник на општина Струга и одговорно лице во правно лице, во 2014 година издал паркинг за моторни возила во близина на зградата на Министерството за одбрана во Струга кај градското пливалиште кое со решение е означено како локација под заштита на државата. Тој, со закупувачот ДООЕЛ „Пошка – Сони“ од струшкото село Франгово, потпишал договор за период од 12.08.2014 заклучно со 11.08.2016 година, а не за три месеци како што е предвидено во тендерот согласно претходно донесената одлука за утврдување најуспешен учесник на наддавањето од 15.07.2014 со вкупно 30 паркинг места за три месеци во текот на тековната годината (јуни, јули и август 2015 година). На 22.09.2015 година, при извршена контрола констатирано е дека горенаведеното претпријатие иако требало да прекине со наплата на услугите за паркирање сепак продолжило со наплата на паркинг услуги.
Градоначалникот Села во последниот период во јавноста беше актуелен како предводник на Движењето за реформи на ДПА, кое пред неколку дена одлучи дека нема да оди на избори на 24 април.