Кривична пријава за двајца дебарчани: Нивните локали непречено работеле

by Fokus

МВР поднесе кривична пријава за двајца жители на Дебар кои не ги почитувале мерките на Владата за заштита од корона вирусот

„Безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба е стабилна, а изминатото деноноќие помина мирно и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и без регистрирани сообраќајни незгоди. И понатаму, на сила се активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за работа за контрола на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.

При извршена контрола на градското подрачје, полициските службеници од ОВР Дебар  констатирале дека Л.О.(42), сопственик на угостителски објект и Б.Л.(26) сопственик на интернет кафе, и двајцата  од Дебар, не ги почитувале мерките и препораките на Владата за забрана за работа на угосителски и други објекти во кои се собираат поголема група на граѓани, поради што ОВР Дебар поднесе кривични пријави против нив.

Непречено се одвиваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, соопштија од МВР.

Поврзани новости