Секторот за внатрешни работи Охрид (СВР Охрид) поднел кривична пријава против 58-годишната Е.И.В. од Република Бугарија и 41-годишниот А.Т. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“.
Како што соопштија од СВР Охрид, бугарската државјанка заедно со уште едно лице, во периодот од 30 април до 13 мај годинава, телефонски се јавувале кај повозрасни граѓани на Охрид и лажно се претставувале како службени лица, по што им кажувале дека членови на нивните семејства предизвикале сообраќајни незгоди во кои имало жртви.
Доведувајќи ги во заблуда, на оштетените им барале пари со цел да ги „ослободат“ од затворски казни, по што А.Т. одел на средба со оштетените, ги земал парите и во соседна држава ѝ ги предавал на Е.И.В.
На овој начин, тие извршиле три кривични дела при што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од речиси 1,9 милиони денари.