Куќата на скопско Водно што некогаш ја поседуваше црногорскиот бизнисмен Миодраг Марковиќ, познат како близок соработник на поранешниот шеф на царината Драган Даравелски, после 10 години повторно е ставена на продажба. Иако Марковиќ одлежа неколкугодишна затворска казна за перење пари, од неговиот правен тим велат дека куќата никогаш не била наведена во решенијата за привремени мерки и во судските пресуди. Затоа, тие поднеле кривична пријава за директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, кој ја огласи споменатата куќа за продажба со драстично пониска почетна цена во однос на проценката пред десетина години, и тоа во време кога во тек е судска постапка за утврдување на сопственост.
Дирекцијата за управување со одземен имот пред неколку дена објави оглас за продажба на неколку недвижности конфискувани врз основа на правосилни судски пресуди, меѓу кои влегува и луксузна вила на Водно, некогаш во сопственост на црногоскиот бизнисмен со долгогодишен престој во земјава Миодраг Марковиќ, познат како близок соработник на поранешниот шеф на македонската царина Драган Даравелски, кого македонските власти го осудија во отсуство и до ден денес бараат да биде испорачан од соседна Србија.
Според огласот објавен од Управата, за денеска е закажано разгледување на споменатата куќа на Водно, лоцирана на улицата Питу Гули бр.13, со внатрешна површина од 162 квадратни метри, плус помошни простории лоѓии, балкони и тераси на приземје со површина од 26 квадрати, помошни простории на сутерен со површина од 21 квадрати и гаража со површина од 27 квадрати. Поточно, посочениот објект се наоѓа на катастарската парцела 1676 во рамки на катастарската општина Центар 2. Според податоците од Катастарот на недвижности, објектот е со двор со површина од над 1.500 квадрати, кој не се споменува во огласот.
Воедно, Агенцијата наведува дека продажбата на имотот ќе се изврши со јавно наддавање на 28-ми месецов по електронски пат со почетна продажна цена утврдена согласно процената на Бирото за судски вештачања во рамки на Министерството за правда направено во ноември 2020 година, според кое проценката изнесува 6,9 милиони денари или околу 112 илјади евра. Но, според адвокатот на Марковиќ – Драги Методиев, тоа е далеку пониска проценка во споредба со проценката извршената при првиот обид за продажба на куќата пред десетина години, кога куќата беше проценета на над 1,3 милиони евра.
-Ваквиот имот Марковиќ го има стекнато од сопствени и лични парични средства, и овој имот ниту бил опфатен во самите пресуди на Основниот суд и Апелациониот суд, ниту пак бил опфатен во Решението за привремена мерка, ниту пак со дополнително донесените Решенија од кривичниот совет на Основниот суд Скопје . Исто така, имотот не е потребно да биде одземен, бидејќи неговата моментална вредност е значително над потребниот износ потребен за надомест на државата од сторена штетата предизвикана со казниво дело – вели Методиев.
Во име на Марковиќ, тој поднел кривична пријава против директорот на Агенцијата за управување со одземен имот и други лица за несовесно работење Фатон Асани, бидејќи, според подносителот, Асани ја злоупотребил положбата и овластувањата на начин што издал наредба за вештањето на имотот на Водно, иако за имотот е поведена и судска постапка пред скопскиот граѓански суд за утврдување на право на сопственост со предлог за привремена мерка, која се уште е во тек. Како што се наведува во кривичната пријава, Асани не смеел да го стави на продажба имотот согласно Законот за кривична постапка и Законот за управување со конфискуван имот.
„Со цел ваквиот имот да го отуѓи и продаде што поскоро и со што пониска цена, тој (Асани) прифатил од Н.Н вештото лице вработено во Биро за судски вештачења имотот да биде прикажан во проценката и огласот за продажба како „стан“, а знаел и бил свесен дека се работи за куќа, која е на атрактивна локација на Водно во резинденцијалниот дел, и за која во текот на 2011 година било изготвено вештачење и проценка на износ од над 1.300.000 евра. Така, тој свесно го занемарил ваквиот факт и ја прифатил новата проценка на имотот на износ од 6.975.404 денари, кој износ не е ни 7 отсто од реалната цена на имотот“, пишува во кривичната пријава против Асани.
Инаку, во однос на посочениот објект основниот граѓански суд неколку пати изрекува привремена мерка за забрана за оттуѓување се додека не заврши судската постапка за утврдување на сопственост, меѓутоа второтстепениот апелациски суд ја укинува мерката, така што продажбата на имотот се случува во време кога основниот суд нема нова одлука за привремена мерка. Досега, од Асани не добивме коментар во однос на ваквите тврдењата и обвинувањата од Марковиќ, кој поднел и кривична пријава против него за несовесно работење.
Како што е познато, Марковиќ своевремено беше осуден на 4 години затвор за перење на пари, за што му беа конфискувани акции во фирми и друг имот во износ од 9 милиони евра. Тој важеше за близок човек на Даравелски, кој, пак, во отсуство беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службена положба како директор на царината. И покрај тоа што за него во земјава се водеа и други постапки, сепак, тој никогаш не беше екстрадиран од Србија, каде со помош на српскиот пасош веќе долги години живее и работи.
Влатко Стојановски