Нема докази дека осомничените за упадот во контролната кула во М-НАВ, меѓу кои е високиот функционер од ДУИ, Беким Незири, со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќаj.
Ова е дел од образложението од Кривичниот суд по реакциите во јавноста дека судиите на претходна постапка, Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ не им одредија притвор на четворицата приведени за упадот во М-НАВ, туку мерки за претпазливост.
Според соопштението од Судот, во наредбата за истрага од страна на обвинителот за упадот биле опфатени осум лица, а доставен бил предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица.
Судот го цитира членот и ставот за којшто обвинителството ги товари осомничените односно член 303 став 2 од КЗ.
„Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“
Освен што, според судот обвинителството не доставило докази за кривичното дело, не доставило ниту докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот, тој не бил сослушан пред скопското обвинителство, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата.
-Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев. Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело, велат од Судот.
Меѓутоа, според доставените докази, како што објаснуваат од Судот, произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање.
-Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид. Воедно потребно е да се напомене дека, по добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката, додаваат од Кривичниот суд.