На барање на Специјалното јавно обвинителство, судија на претходна постапка на почетокот на овој месец издал наредба за претрес во домот на Коста Крпач, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.
Оттаму додаваат дека од судот била издадена и наредба за одземање на документи од Централниот регистар за две фирми, од кои на една, во одреден период, како сопственик се јавува Крпач.
Специјалното јавно обвинителство пак, денеска информираше дека Коста Крпач, кој вчера беше најден мртов во неговиот стан бил сведок во една од предистражните постапки што ги води СЈО.
Како што јави НОВА, Крпач давал исказ за случајот „Тврдина”, односно за нелегалното уништување на опремата за прислушување, во кој меѓуосомничените се и ексминистерката Гордана Јанкуловска и двајца началници од УБК.
Од специјалното јавно обвинителство потенцираа и дека Крпач доброволно се пријавил како сведок и соработката со него била беспрекорна.
Од СЈО тврдат дека имаат докази дека врз него бил вршен притисок од други страни.