Кривичниот суд во Скопје со соопштение испратено до јавност, се огласи со реакција на информациите дека над дваесет судии се прераспределени на пониски позиции, меѓу кои и сите оние кои „се осмелија” да пресудат во корист на СЈО или пак јавно се пожалиле од работата на судот.
-Проценката кој судија во кој оддел или одделение ќе биде распореден е законски утврдена и е право на Претседателот или ВД Претседателот на судот, па од таму нејасни се објавените дезинформации за некакво задоволување на желбите или „чистка“ на одредени судии.“ – велат од Судот.
Од таму ги обвинија медиумите дека пласирале дезинформации, иако не кажаа каде е грешката. На крајот изразија и зачуденост зошто „ од редовната работа на судот” се правело екслузивна вест.
-За судот е нејасно каква екслузивна вест претставува Годишниот распоред за работа во судот, кога таков распоред се утврдува секоја година и секоја година се вршат распределби и прераспределби на судии по оддели и одделенија зависно од потребите на судот за што и досега јавно и трансапретно сме известувале- се додава во соопштението на судот.
Инаку, меѓу прераспределените судии се најдоа имињата на судијките кои им дозволија претреси на СЈО во УБК и во станот на Коста Крпач, а му дадоа и притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески. На пониски позиции се ставени и сите судии кои јавно се пожалија од работата на експретседателот на судот Владимир Панчевски. За разлика од нив, унапредена е Лидија Петровска, од бомбите позната како „сваровски судијката“.