Откако Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска обвини оти судот неосновано го одовлекува судењето за случајот „Пуч” и не му доставува покана на единствениот сведок-Никола Груевски, со реакција се огласија од Кривичниот суд.
Од таму велат дека судот е тој што одлучува дали и кои сведоци ќе бидат повикани, а не обвинителот.
-Што се однесува до прашањето на присутниот обвинител зошто на денешната расправа не бил повикан сведокот кој го бара обвинителството, конкретниот предмет се води согласно новиот Закон за кривична постапка (ЗКП), а самата постапка налага на првата главна расправа, да се дадат воведни зборови на странките, односно обвинителот и одбраната, а дополнително да се повикуваат сведоци и да се изведуваат докази, па токму затоа и на денешното судење, согласно ЗКП, не било предвидено повикување на сведоци, особено што судот е тој што одлучува дали и кој сведоци ке бидат повикани, а не обвинителот- стои во соопштението од Кривичниот суд.
Од судот додаваат дека денешното судење биле одложено, бидејќи еден од судиите поротници утрово доставил известување дека заради здравствени причини не може да присуствува на судењето. Како што рекоа, судот немал доволно време да обезбеди негова замена и поради тоа судењето било одложено и презакажано за 1 ноември.