Кристина Арнаудова беше една од ретките јавни естрадни личности кои имаа храброст да го кажат јавно својот став за опшествено-политичката ситуација во Македонија. Таа говореше и на еден од протестите од Шарената револуција. Нешто што би требало да биде сосема нормално, но во вакви услови во кои живееме, тоа се смета за подвиг. Зошто таа се одлучи јавно да проговори и да се спротивстви на неправдата, но и зошто пејачите „се продаваат“ за пеење по партиски митинзи, прочитајте во продолжение.
Разговараше: Катерина Смилева
Фокус: Наместо по нова песна, изминатиов период си актуелна по обраќањето на еден од протестите од „Шарената револуција“. Според тебе, што тоа говори за македонското опшество?
Кристина: Многу години наназад нашето нормално функционирање е сосема пореметено.Секоја година си викаме „не може полошо“ и секоја година станува полошо.Од секој апсект. Мислам дека дојдовме до точка кога не се издржува, кога нешто во нас еруптира, незадоволството, тагата, фрустрацијата дека не можеме нормално да си ја работиме својата работа, дека од секаде сме блокирани, дека се живее во страв. Сите тивко зборуваат и се плашат за последиците од гласното говорење. И јас би сакала да пеам, да уживам во животот, да се радувам со моите деца, да планирам убави нешта, но тоа во овој момент е невозможно. За да стане тоа повторно возможно, мораме да се избориме, да не се плашиме, да зборуваме гласно, затоа што животот е кратот,а најубавите години ни поминаа во ,,не може полошо“ и ,,ќути, има и полошо“. Ова не го правам за мене, туку за моите деца, нашите деца. Зашто ќе ми биде срам кога ќе пораснат да ме прашаат „А, ти зошто не направи ништо?“. Затоа правам барем нешто, онолку колку што можам.
Фокус: Зошто одлучи јавно и на протест да проговориш за проблемите во македонското опшество, додека твоите колеги по секоја цена избегнуваат да ги коментираат сите политичко-опшествени настани?
Кристина: Економската ситуација е на ниво да секого можеш да купиш за малку пари. Приходите на сите им се многу ограничени. И секој може да биде купен. Не се ни тие криви. Ете во такво општество живееме. Јас целиот мој живот живеам пред камерите и како јавна личност сметам дека моја обврска е да застанам гласно на страната на правдата и да го кажам мојот став. Да кажам дека нема потреба повеќе од страв. И дека ако сме сплотени правдата ќе победи. Во тешки ситуации, како оваа, секоја јавна личност има обврска, општествена одговорност пред јавноста да има став. Но, тоа е само моето мислење, можеби сум грешка, не знам…
Фокус: Сведоци сме дека изминативе десетина години речиси секој пејач пее во изборните кампањи на власта. Толку ли е добро платено пеењето по митинзи?
Кристина: Како што кажав веќе таа е економската ситуација, дискотеките и кафичите немаат повеке пари да ангажираат артисти, компаниите не даваат спонзорства, на плоштадите со наши народни пари се ангажираат артисти од соседството, кои ги земаат големите хонорари. Едноставно, кампањите се за некого единствените добри хонорари. Секоја чест на исклучоците. Но, нас ни е тоа работа, пеењето. Не значи дека ако сум била ангажирана како пејач на кампања, дека морам да застанам зад криминали и да молчам за тоа. Мислам дека сите заборавија дека сево ова се случува со државни пари, наши пари. Не земал никој од дома пари, туку ние од наш џеб плаќаме за сево ова.
Фокус: Може ли да очекуваме во иднина да те видиме и тебе како дел од политичка кампања на некоја од партии?
Кристина: Јас сум пеела и за едните и за други и за трети, и не се срамам од тоа. Тоа е дел од мојата работа. И не бегам од тоа. Секако дека ќе ме видите, на онаа страна за која мислам дека е во ред да се поддржи. Онаа страна која ќе вети дека ќе ја врати правдата во државата и достоинството на луѓето, насмевките на лицата и ќе го избрише стравот во кој живееме. Онаа страна која ќе вети дека нема повеќе да живееме во најзагадената земја во Европа. Ќе пеам за оние кои нема да бараат партиски книшки за вработување и ќе постават достоинствена минимална плата. Е за тие,ако се најдат такви, ќе пеам. Ако нема, нема да поддржам никого.
Фокус: Кое е твоето размислување за субвенциите за песни кои ги дава Владата и начинот на кои тие се доделуваат?
Кристина: Немам јас мислење, вие сте новинари и треба да истражите. На пример, видете колку од тие песни кои добиле субвенции станале хитови, односно биле применливи. И колку пари за такви неупотребливи песни се фрлени.