Креаторот на „Спутник В“: Нè очекува тешка есен, клучот е во вакцинацијата

by Fokus

Александар Гинцбург, директор на Научно-истражувачкиот центар „Гамалеја“ и креатор на вакцината „спутник В“, проценува дека, ако ситуацијата се развива вака како сега, нè чека тешка есен и дека постои голема опасност од нови видови на коронавирусот, кои би можеле да бидат уште поопасни од делта-сојот.

Гинцбург вели дека „Гамалеја“ прави сè за да спречи појава и последици од вакви сценарија, но вакцинацијата која е клучна во оваа битка е бавна на глобално ниво.

Според него, некои земји целосно го вакцинирале населението, додека, на пример во Африка, имунизацијата не е ни започната.

Конкретно за руската вакцина тврди дека штити од делта-сојот во 83 проценти од случаите, а во 94 проценти од случаите штити од развој на потешки форми на болеста и хоспитализација, и ја фаворизира во однос на МРНА-вакцините.

-За разлика од МРНА-вакцините, кои произведуваат само еден вид антитела против протеинот С, и со тоа го неутрализираат вирусот, поради што нивната ефикасност против делта-сојот се намалува на 40 до 50 проценти, „спутник В“ произведува неколку видови на овие антитела, кои вклучуваат и такви против делта-сојот, а исто така и против британскиот и јужноафриканскиот сој, објаснува Гинцбург.

Гинцбург смета дека делта-сојот е поопасен од сите претходни и за разлика од видот што првпат се појави во Вухан, кој кога ќе влезе во клетката може да се реплицира во вирусни честички што влегуваат во крвта, делта-сојот поминува од клетка во клетка преку специјални канали, со што се формираат огромни клетки кои произведуваат големи количини вирусни честички, илјадници пати повеќе отколку кај видот од Вухан.

-Количината на антитела што ги добивате по секоја вакцина или болест не е доволна за да ве заштити од тоа. Ова бара многу поголема количина на антитела и може да се постигне со добивање трета доза. Засега покажавме дека е најдобро да се користи „спутник лајт„ за тоа, вели Гинцбург.

Тој верува дека вакцинацијата на децата е неопходна, но за да се дозволи употреба на вакцина кај нив, таа мора да помине сериозни клинички испитувања, и е многу посериозна отколку кај возрасните.

-Пред еден месец започнавме клинички испитувања на „спутник В“ кај деца на возраст од 12 до 17 години. Различни концентрации на оваа вакцина ќе бидат тестирани кај 660 деца во текот на годината, и тие се пониски отколку кај возрасните, изјави Гинцбург.

Според него, после тоа, специјалната комисија треба да ги анализира добиените резултати, и ќе се анализира секој, дури и најмалиот несакан ефект.

-Само кога ќе дојдеме до заклучок дека вакцината е ефикасна и целосно безбедна за децата, ќе биде дозволена нејзината употреба, рече Гинцбург.

Поврзани новости