Само два часа по отварањето на гласачкото место, гласањето во Теарце беше прекинато. Неколку гласачи кои пристигнаа да го дадат својот глас во училиштето каде се одвива гласањето беа вратени назад и им беше речено да дојдат за еден час бидејќи и двете уве лампи наменети за проверка на прстот не работат.
Прекинот, сепак траеше само околу 20-ина минути, по што гласањето продолжи. Неофицијално, досега гласале околу 30 луѓе.
На избирачкото место 2011 во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ запишани се вкупно 714 гласачи. Прегласувањето беше наложено од Управниот суд, откако истиот утврди дека во Теарце недостасувал еден записник. Прегласувањето може да влијае врз конечниот резултат на изборите и распределбата на пратеничките места меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.